Османи до ВМРО-ДПМНЕ: Нема потреба од протести, ќе ги претставам состојбите од разговорите со Бугарија

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи попладнево се огласи на социјалните мрежи откако ВМРО-ДПМНЕ побара од него во Собранието да објасни за што се разговара со Бугарија.

„ Нема потреба од протести, јас отсекогаш сум бил подготвен и да ги претставам состојбите пред опозицијата, и да реферирам во парламентот пред пратениците“, објави Османи, упатувајќи јавна порака до Претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Северна Македонија.

„Да го утврдиме заеднички првиот слободен термин на кој ќе реферирам за сите актуелности од доменот на надворешната политика пред пратениците; воедно, паралелно да договориме и термин на Комисијата, на кој избраните амбасадори ќе ги презентираат тезите , со што ќе го ослободиме и процесот за нивно упатување во испразнетите амбасади“, стои во објавата на Османи.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и лидерот на партијата Христијан Мицкоски денеска на протестот пред Министерството за надворешни работи ги повикаа премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Никола Димитров и министерот за надворешни работи Бујар Османи, да се појават во Собранието и да објаснат за какви дополнителни анекси се разговара со Бугарија.

„Јавноста беше излажана во 2017 година дека Договорот со Бугарија ги решил сите македонско-бугарски спорови и го отвара патот за ЕУ“, изјави Милошоски.

Слични содржини