Османи го обвини Димитров: Си прифатил Илинденското востание да биде „Илинден-Преображенско“

од Nikola Popovski

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи доцна синоќа му одговори на неговиот претходник, Никола Димитров за претходно изнесените ставови во врска со дијалогот за спорот со соседна Бугарија. Османи информира дека сегашната наша ситуација во односите со соседот е потпишан само еден протокол, токму од Димитров, во кој има неколку јасни обврски, кои како што вели министрот, само сме се обврзале, но и не сме ги реализирале.

-Првата е дека го прифаќаме бугарското гледиште кон Илинденското востание, прифаќајќи ја номенклатурата „Илинден Преображенско – востание“, создавајќи со тоа рамка во која Комисијата се очекува да делува, што, пак, создава тешкотии во нивната работа, но воедно и веќе создала преседан во односите со Република Бугарија, дека историските прашања може да ги решаваме политички, наместо да ѝ ги оставиме на Комисијата.

Второ, потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како „Илинден Преображенско“, објави Османи.

Шефот на дипломатијата не смета дека тогаш Димитров имал лоши намери, но вели „нема да го премолчам неговиот обид сега да се “пенави” на нашиот обид да направиме пристоен протокол, во кој нема да се обврземе за содржината, туку за принципите на нашата работа, претставувајќи нѐ сега нас како предавници на неговиот потпис“.

-Ќе продолжиме со нашата работа без разлика колкава хистерија ќе создаде мојот претходник. Ќе обезбедиме пристојно решение со Република Бугарија, но и Европска иднина за земјата П. С., овој документ кој сега го презентирам, во неговата физичка форма недостасува во МНР, очекувано е кој си го земал пред да си отиде и со какви намери, порачува Османи.

Претходно поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, побара итна реафирмација на македонските позиции во спорот со Бугарија и „итно заминување од владата на министрите кои се закануваат со кривичен прогон на свесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена државна стратегија”.

Слични содржини