Османи манипулира со народот, почеток на преговори ќе има само со прифаќање на бугарската рамка, вели Мицкоски

од Vladimir Zorba

Османи продолжува да не ја говори вистината и да го манипулира народот, бидејќи тоа што го слушаме од Софија е дека сигурно ќе нема преговори. Единственото нешто кое што може да се случи е да се случи прва меѓу владина конференција, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на одговор на прашање за изјавата на МНР Османи во врска со можен договор и почеток на преговори со ЕУ.

Смета дека таа прва меѓу владина конференција е „фолклор, настан без суштина“.

„Ќе се сликаат претставниците на Европската Комисија и на македонската влада, и тука завршува се. Нема да почнат преговорите се додека целокупната преговарачка рамка, ние не ја испочитуваме, а во таа преговарачка рамка ќе бидат вклучени барањата од страна на Бугарија, вклучително и интервенцијата во македонскиот Устав“, рече Мицкоски.

Потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи тие промени во македонскиот Устав, бидејќи за тоа се потребни 2/3, токму поради тоа што нема никаква гаранција дека со тоа се затвораат сите отворени прашања помеѓу Македонија и Бугарија, и дека до самото членство на Македонија во ЕУ, нема да имаме повеќе барања од страна на политичарите кај нашиот источен сосед.

Тврди и дека ако зависи од Османи, Ковачевски, и од Петков, преговори нема да има, ќе има во најдобар случај меѓу владина конференција, настан за камерите и фотоапаратите.

Слични содржини