Османи на министерски состанок на ОН: С.Македонија е целосно посветана и решена да продолжи со своите заложби

од Берта Китинска

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на министерскиот состанок на ОН за мировни операции, кој се одржа виртуелно, во организација на министерот за надворешни работи на Република Кореjа, Чунг Еуи-јонг и министерот за национална одбрана, Су Вок, заедно со Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш.

Во своето обраќање, Министерот Османи ја реафирмира посветеноста на земјата кон мултилатералната соработка, како еден од приоритетите на надворешната политика на Северна Македонија, во која меѓу другото, спаѓа и соработката во делот на мировните операции во рамки на ОН и зачувување на мирот.

„Северна Македонија е целосно посветана и решена да продолжи со своите заложби во делот на зголемено учество во мировните операции на ОН преку зајакнување и обучување на своите капацитети, посебно водејќи сметка и за еднакво учество на жените во мировните процеси или во делот на превенција”, подвлече министерот Османи.

Воедно, министерот Османи истакна дека земјата целосно ги подржува реформите преземени од страна на Генералниот секретар Гутереш за поефикасни мировни операции, кои иако се соочуваат со предизвици, се важен инструмент за зајакнување на мирот и безбедноста во светот.

На сесијата посветена на одржување на мирот, на која учествуваше Османи, беше изразена силна поддршка за превентивната дипломатија како основа за градењето на мирот, што како процес е од суштинско значење за одржлив мир и стабилни општества.

Слични содржини