Османи: Нема големи разлики во ставовите на ДУИ и СДСМ за Законот за јазици

од Vladimir Zorba

Ќе ги почитуваме препораките на Венецијанската комисија за Законот за употреба на јазиците преку создавање капацитети, со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

– Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венецијанската комисија вели не смее двојазичноста поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциони планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава, рече Османи одговорајќи на новинарско прашање, по промоцијата на програмата „Европски корпус на солидарноста“ во ЕУ Инфоцентарот.

Османи смета дека нема големи разлики во ставовите на владините коалициски партнери ДУИ и СДСМ за ова прашање.

– Мислам дека слични се ставовите. Ако ја слушнавте последната изјава на премиерот Заев и на вицепремиерката Шекеринска, слични се со нашите ставови дека нема да има отворање на прашањето на јазикот, како што нема да има отворање на прашањето на Преспанскиот договор, на Договорот со Бугарија, и на јазикот ќе биде исто, кажа вицепремиерот.

Тој смета дека нема потреба од менување на Законот за јазиците, туку треба да се најдат начини за спроведување на мислењето на Венецијанската комисија.

– Да повторам уште еднаш, три документи кои се во основа на државноста, а тоа се Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и Законот за јазици се документи кои се иреверзибилни и кои нема да бидат предмет на никакви промени и измени, ниту еднонасочни, ниту какви било промени, туку треба да се најде начин како да ја имплементираме намерата на Венецијанската комисија за создавање капацитети со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството, изјави Османи.

Тоа, според него, може да се направи преку создавање капацитети во судството, во администрацијата, со цел, како што наведе, граѓаните Албанци да можат да го користат својот јазик во комуникација со државата и да бидат разбрани од државата.

За најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе поднесат амандмани на Законот за употреба на јазиците, Османи упати на одговор од СДСМ, имајќи предвид дека станувало збор за исти амандмани што своевремено тие ги предложиле. ДУИ ќе даде коментар кога ќе бидат официјално предложени.

Слични содржини