Османи: Овие избори не се исти со кои било претходно, кампањата се совпаѓа со Самитот во Загреб

од Ивана Рамаданова

Ограноците на ДУИ до вечерва до партијата треба да достават предлози за кандидати за пратеници, кои по анализите и внатрепартискиот избор ќе подлежат на проверка, изјави на прес-конференција Бујар Османи, шеф на Изборниот штаб на партијата и вицепремиер за европски прашања. Османи денеска исто така упати порака до учесниците на предвремените парламентарни избори на 12 април дека од особено значење за нас ќе биде каква ќе биде кампањата имајќи предвид дека на 26 март е Самитот на ЕУ во Загреб.

-После новата усвоена методологија и прогрес извештајот кој што го очекуваме околу 2 и 4 март, еден од најважните фактори кои ќе ни ја определат судбината, ако можам да кажам во март е како ќе се одвива изборниот процес, рече Османи.

Исполнувањето на сите предуслови за фер и демократски избори ќе биде многу важно, рече Османи повторувајќи дека новиот Совет на ЕУ ќе се случи на 26 март, а тоа е четврти ден од кампањата.

– Што значи дека тоа што ќе се случи на овие избори во предизборната кампања и во почетокот на изборната кампања ќе биде последното што ќе го имаат во нивната меморија министрите и премиерите кога ќе ја носат одлуката. Овие избори не се исти со кои било други избори бидејќи се случуваат во моментот кога се носат одлуките. Микроскопот е зголемен на многу пати што се случува во земјата, а дури и минималните инциденти ќе имаат влијание на чуството што ќе го имаат министрите и премиерите кога ќе ја носат одлуката, рече Османи.

Негативната кампања не е незаконска, додава тој, но не им помага на партиите што ја водат. – ДУИ никогаш нема спроведено негативна кампања, нема да има ни во овој изборен циклус туку напротив ќе промовираме тоа што сме направиле и тоа што планираме да направиме, рече Османи.

Шефот на изборниот штаб на ДУИ информираше дека ограноците на партијата до денеска треба да предложат имиња за кандидати за пратеници, а одлуката кој ќе биде носител на листа во изборна единица со носи во централата на партијата. Предложените кандидати партијата ќе ги подложи на различни анализи, на испитување на јавното мислење и слично по што ќе одлучи кои ќе бидат носителите на листите во шесте изборни единици.

-Вчера Чаир за двете зони даде околу десет имиња, Куманово даде три имиња, Липково даде три имиња…Повеќето од ограноците денеска ги имаат свикано нивните тела, за да предложат имиња, изјави Османи.

Прерано е да се каже колкумина од старите пратеници ќе се најдат на листите.

Османи на прес-конференција информираше дека ДУИ ја заокружила првата фаза од партиската реформа во соработка со НДИ и ИРИ. Направена е целосна пререгистрација на членството и оти по првпат е користен механизам на ветинг така што десетици апликации за членство во партијата биле одбиени. Запазена е одлуката за 40 отсто жени и млади во партиските тела, а тоа се очекува да се примени на кандидатските листи за пратеници. Меѓу другото, Османи потенцираше и дека во 90 отсто од ограноците на ДУИ имаат нови раководства. Следува втората фаза која ќе опфаќа ветинг на кандидатите за пратеници, министри и сите други функционери што ќе ги предлага партијата во новата Влада на Република Северна Македонија.

– ДУИ реализира длабопки реформи во партијата и ја реализира својата програмска определба во целост. Како што ветивме така и сторивме. Тоа ни дава за право од денеска повторно да ја бараме довербата за заеднички да се посветиме на политиките за подбрување на квалитет на живот за побрз развој и создавање на нови работни места, поддршка со која преку ветинг ќе се создаде квалитетно судство и заедно ќе ставиме крај на неселективната правда. Здружени да работиме за нашата иднина, за нашите млади како наш прв и основен приоритет и да ги усогласиме нашите стандарди со ЕУ, изјави Османи.

Шефот на изборниот штаб на ДУИ појасни дека ветинг односно селекција на членството било направено при повторната регистрација бидејќи се констатирало дека луѓето не ги споделуваат вредностите на партијата како: морални, професионални, политички, идеолошки вредности.

Слични содржини