Османи: Преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава, се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања

од Nikola Popovski

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи денеска реагираше на вчерашните изјави на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во врска со преговорите со Бугарија. Министерот реагира на тезата на Николоски објавена во еден од медиумите дека „Османи работи на тоа Албанија да почне преговори, а за Македонија што биде биде“.

Според Османи, „Николовски во неколку наврати не само што ги преминува црвените линии на пристојност, туку без трунка одговорност, онака лежерно и волунатаристички, се напаѓа севкупната државна позиција и успехот на целиот политички спектар да се обедини околу стратешките прашања“.

-Буквално сите граѓани, без разлика дали се Македонци, Албанци, Роми, Турци, Срби, Власи или Бошњаци, буквално сите граѓани се обединети во одбрана и на државните интереси, и на националните интереси на нашите сограѓани Македонци. Еден од клучните темели на кои се потпира нашата цврстина и во преговорите со Бугарија, но и во претставувањето на нашите позиции во ЕУ и меѓу земјите – членки, е токму обединетоста на целиот политички, етнички, културен и општествен спектар во земјава. Колку ли само треба да си алчен, и да не си ја ниту почитуваш ниту сакаш државата, за да ја нападнеш нејзината суштинска придобивка – успешната мултиетничка обединетост по стратешките интереси?, прашува Османи во објава на Фејсбук.

Според шефот на дипломатијата, „јасна е намерата на овие тези кои се надевам не се позиции на ВМРО ДПМНЕ“.

-Преку фрлање дрва и камења по Албанците како да се непријатели на оваа држава, се прави обид да се направи етнички јаз по стратешките прашања, да се направи раздор по етничка линија, со цел да се ослабне позицијата на државата и со тоа да се обезбеди политичка предност за опозицијата. Наша задача е тоа да го покажеме, јасно и гласно да го посочиме, и со тоа да ги осуетиме. Да ве уверам дека нема да успеат: ќе ги зачуваме националните интереси на нашите сограѓани Македонци, ќе ги зачуваме и македонскиот јазик и посебноста на македонската култура и пристојноста, а воедно и ќе ѝ обезбедиме европска иднина на земјава и на сите нејзини граѓани, порача Османи.

Слични содржини