Османи: Со солидарност ќе излеземе посилни од кризата

од Берта Китинска

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во улога на Национален координатор за распределба на странска помош во земјава денеска, одржа видео конференциски состанок со Амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјава, во насока на претставување на потребите, согледување на можностите и соодветна координација на донациите и директната поддршка за справување со предизвиците од КОВИД 19.

„Дозволете на почеток, во името на Владата, а верувам и во името на сите граѓани на земјава, да ви се заблагодарам за досегашната поддршка и помош во справувањето со предизвиците на пандемијата, како во рамките на институциите на ЕУ, така и за досегашната билатерална поддршка која секојдневно пристигнува. Вклучувањето на Република Северна Македонија во Европскиот солидарен фонд, во Договорот за заедничка набавка на медицински средства, во цивилната заштита на ЕУ итн., преставува вистински показател за интеграцијата на земјата во Европската Унија, а директната билатерална поддршка на дело ја демонстрира европската солидарност, која ќе ни помогне од оваа криза да излеземе уште посилни“, истакна Османи на почетокот од состанокот.

Во продолжение, Османи пред амбасадорите ги претстави активностите на Владата и на останатите тела за координација на активностите за справување со кризата, особено на улогата на СЕП како институција задолжена за координација на целата странска помош во земјава, вклучувајќи ја и поддршката во справувањето со предизвиците од пандемијата.

Слични содржини