Османи телефонски разговарал со Конаковиќ – изразил задоволство за пријателските односи на Македонија и БиХ

од Vladimir Zorba

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес оствари телефонски разговор со својот хомолог од Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.

Честитајќи го стапувањето на должност, Османи изрази задоволство за високиот степен на пријателски односи и досегашната билатерална соработка меѓу двете држави, како и убеденоста дека постои можност и потенцијал за нивно проширување, преку конкретни проекти и иницијативи, особено економската соработка.

По добиениот кандидатски статус за членство во ЕУ, уште еднаш е пренесена подготвеноста за споделување на искуствата на Северна Македонија во процесот на Евро-атлантско интегрирање на Босна и Херцеговина.

„Одлуката да се даде статус на земја-кандидат за членство во ЕУ е важна за реформски курс на Босна и Херцеговина и од големо значење е за стабилноста и севкупниот развој на регионот и неговата што поскора интеграција во ЕУ“, нагласил Османи.

Посебен осврт бил направен на регионалната соработка, со фокус на претседавањето на Северна Македонија со САД-Јадранската повелба (А5) и ОБСЕ. Во тој контекст, се разговарало за претстојниот министерски состанок во рамките на А5 (27-28 март) и посетата на теренската мисија на ОБСЕ во Босна и Херцеговина, планирано да се реализира во текот на месец април.

Слични содржини