Османовска од Унија на Роми: Постои себичност кај постарите ромски политичари и неможноста да ги тргнат на страна личните интереси и егото пред интересите на целокупната ромска заедница

од Nikola Popovski
2,4K прегледи

За прв пат во историјата на независноста на државата, во новиот собраниски состав ќе нема пратеник од ромската етничка заедница. Причините се неколку, од фактот што дел од партиите настапуваат во заеднички коалиции со поголемите партии, до сегашниот изборен модел, па се до лошиот статус на Ромите, кој исто така влијае на застапеноста во Собранието. Дел од помалите партии и ромски здруженија сметаат дека на тој начин, поголемите политички партии, не само што ги изневерија очекувањата на електоратот од ромската етничка заедница, туку истите го покажаа и своето вистинско лице, на неинклузивни, затворени политички партии со слаб инклузивен, мултиетнички потенцијал.

На што се должи ваквиот поразителен податок?

Претседателката на Унија на Ромите и дел од коалицијата Европски фронт, Фатима Османовска во разговор за „Локално“ вели дека ова е преседан чии што последици ромската заедница допрва ќе ги чувствува. Според неа, во постоечкиов изборен модел, Ромите немаат друг избор освен да коалицираат со одредена поголема македонска или во нивниот случај коалиција на етничките заедници со цел да се обезбеди простор за претставник во Собранието.

-Доколку процентуално се анализира бројката на ромскиот електорат, доколку моделот е една изборна единица, тогаш Ромите ќе имаат можност да имаат 3 до 4 претставници во Собранието, но очигледно, ќе почекаме подобри времиња за да го оствариме ова право како заедница, тврди Османовска.

Додава дека Ром во првиот ешалон на извршната власт исто така нема да има, со што останува повторно на волјата на големите македонски партии да одлучуваат за прогресот на Ромите, со што, истакнува Османовска, „паѓа во вода“ паролата која се обидуваме да не води годиниве како заедница – Ромите за Ромите.

Околу констатацијата во јавноста дека многу од гласовите на Ромите се приклучиле на најголемите партии од македонскиот блок поради лукративна причина, претседателката на Унија на Ромите посочува дека во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ беа приклучени вкупно 4 ромски партии и еден огранок на партијата воден од Ром, додека со СДСМ беа во коалиција 3 ромски партии и исто така еден огранок на СДСМ.

-Ние, како новоформирана политичка партија, анализирајќи го неуспехот на сите други ромски политички партии во изминатите години да го кренат прашањето на Ромската заедница на повисок приоритет помеѓу своите партнери, решивме да склучиме партнерство со блок албански, турски и бошњачка партија, имајќи на ум дека како претставници на малцинските заедници, многу полесно ќе ги разбереме потребите на нашите заедници и изборно ќе делуваме врз основа на програма која е инклузива и нуди конкретни мерки за унапредување на положбата на нашата заедница, ни рече соговорничката.

Во текот на предизборието, наведува Османовска, многу јавно и транспарентно ја истакнавме нашата договорена позиција во Европскиот фронт и повикувавме истото да го направат и останатите ромски партии, но за жал, според неа, ромскиот гласач ни пред еден месец ниту сега не слушна што точно ромската заедница ќе добие како бенефит, право или унапреден статус во одредена област.

-Сметам дека тоа се должи на себичноста на ромските постари политичари и неможноста да ги тргнат на страна личните интереси и личното его пред интересите на целокупната ромска заедница. Затоа нашата идеологија е дека гласовите на ромската заедница вредат многу повеќе од едно директорско место кое ќе служи само за одржување во живот на било која ромска партија и цврсто ќе стоиме на тој став дека правичната застапеност на ромите на сите нивоа на власт е единствената можност за било која Влада да се пофали дека граѓаните Роми уживаат исти права како и мнозинството, оценува Османовска.

Предупредува дека моменталната поставеност на силите постизборно, за жал, не ветува многу. Османовска смета дека доколку продолжи да се негира легитимитетот на ромските гласови дадени во Европскиот фронт, ќе се доведе државата во ситуација без соодветни претставници на Ромите да предлага, креира и имплементира стратегии и политики за Ромите кои од минатото искуство видовме дека не се успешни, а причината за неуспешност најчесто е токму поради невклученоста на Ромите во процесите.

-Унија на Ромите ќе продолжи да повикува на обединување на ромскиот електорат под мотото дека ќе се враќаме назад доколку продолжиме разединети во 13 политички партии од кои 90% делуваат без програма, визија и стратегија. Периодов бевме сконцентрирани на Изборната единица 2, но во престојниот период ќе започнеме да работиме поактивно со сите Роми од целата држава промовиријајќи ја паролата дека само обединети и со една визија ќе стигнеме до тоа што и уставно ни се гарантира како заедница – еднакви права, заклучува претседателката на партијата која настапи како дел од Европскиот фронт на последните избори.

Н.П.

Слични содржини