Основната потрошувачка кошница расте секој месец: Сега на едно семејство не му стигнуваат две минимални плати за „преживување“

Не се доволни две минимални плати за да се покријат сите основни потреби во едно семејство.

Последните информации на ССМ говорат дека, во ноември висината на минималната кошница била 33.742 денари, односно 3.874 повеќе во однос на двете минимални плати.

За да биде појасно, најмногу пари влечат потрошувачка храната и пијалоците, но тука се и режиските трошоци. Оттаму, според податоците, на едно четиричлено семејство кое живее во дом од 50 квадрати и не поседува автомобил, му се потребни 14.149 денари за основни потреби, односно храна и пијалоци, а 8.547 за плаќање на основните комуналии. За личната хигиена, оодносно хигиената на домот се потребни, 2.375 денари.

Пресметките покажуваат дека синдикалната минимална кошница од месец во месец расне што значи дека се зголемуваат трошоците на живот на работниците. Така, во однос на октомври синдикалната кошничка е зголемена за 38 денари, а во однос на септември за 121 денар. Од почетокот на годинава до ноември скоро за илјада денари се зголемени основните месечни трошоци, односно ако во јануари на едно четиричлено семејство му биле потребни 32.791 денар, веќе во ноември за подмирување на основните потреби му биле потребни 951 денар повеќе.

Споредбено со вредноста на кошницата во ноември годинава во однос на првата пресметана и објавена вредност на минималната кошница во декември 2010 година, е повисока за 4.543 денари.

Ново усогласување на минималната плата се очекува во март врз основа на мислење на Економско-социјалниот совет во кој членуваат претставници на Владата, синдикатите и работодавачите.

Од 2012 година кога првпат беше исплатена минимална плата во износ од 8.050 денари досега, таа е зголемена за 6.884 денари.

Слични содржини