Основци од Карпош ќе го истражуваат локалниот еко-систем

од Берта Китинска

Во рамки на проектот „Напредна билогија, за нашата екологија“, учениците од ООУ „Вера Циривири – Трена“ (Карпош 2), ќе спроведат истражување на водните еко – системи во околината преку одредување на присуство на микроорганизми.Станува збор за проект,  кој со 225.000 денари е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), а е под менторство на наставничката по Биологија и Природни науки, Дивна Карапанчева.

-Во насока на своите  истражувачки дејности, младите биолози ќе земаат примероци од водите во нашата животна средина, при што ќе водат стручни забелешки за  примероците, како и за тоа, во какви услови се развивале микроорганизмите. Примероците ќе се анализираат во училишната лабораторија по Биологија при што,  основците ќе стекнат знаење преку практична работа и конкретни примери.

Основната цел на овој проект е да се намали загадувањето на водите. Во завршната фаза од проектот, учениците и наставниците ќе ги споделат добиените резултати од истражувањето со сите релевантни фактори. Емпириските податоци можат да се искористат за спречување на процесот на изумирање на загрозените животински и растителни видови во нашата средина.

Претходно, во училиштето беше изградена и првата стаклена градина, каде што учениците развиваат и одгледуваат различни зеленчуци и други растенија во текот на целата година.

Во изминативе неколку години речиси сите училишта во Карпош ја препознаа волјата на локалната самоуправа за заштита на животната средина и интензивирање на активностите во оваа област. Општина Карпош дава финансиска и логистичка поддршка за овие проекти, како и за изградба на отворени еко – училници, стаклени градини, хортикултурно уредување на училишните дворови и сл.

На овој начин, образовните установи добиваат нова вредност. Тие ја поттикнуваат креативноста и практичната работа кај учениците, а во голем дел од активностите се вклучени и нивните родители, како и разни организации кои изразуваат волја да бидат инволвирани во овој процес, соопштија од општина Карпош.

Слични содржини