Оставката на Коѕијас и политичкиот цинизам на Ципрас

од desk4

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас поднесе оставка во знак на протест против деснопопулистичкиот партнер во владата. Дали компромисот со Македонија во спорот за името сега е загрозен?

    
Alexis Tsipras, Nikos Kotzias (picture-alliance/AP/P. Giannakouris)

Пред да замине на самитот на ЕУ во Брисел, премиерот Алексис Ципрас рече дека оставката на министерот за надворешни работи ја прифатил со „болка во срцето“. Сега тој го презема Министерството за надворешни работи и сака да му изрази голема благодарност на својот шеф-дипломат. Реакција по оставка на министер ретко звучи толку трогателно. „Сметката ја плати погрешен министер“, пишува денеска левоориентираниот весник „Ефимерида тон Синтактон“, кој инаку му е наклонет на премиерот. „Тој го жртвува Коѕијас за да остане на власт малку подолго“, негодува конзервативниот весник „Елефтерос Типос“. Како што се чини, и на Ципрас би му било подраго доколку неговиот министер за надворешни работи останеше. Сепак, тој мора да замине. Зошто?

На оставката ѝ претходела кавга меѓу Коѕијас и деснопопулистичкиот министер за одбрана Панос Каменос на седница на владата во вторникот. Станувало збор за договорот за решавање на спорот за името со Македонија, кој Коѕијас го рекламира како свој успех, а Каменос го отфрла. Жестоко се дискутирало и за другите приоритети на надворешната политика на Грција. Премиерот Ципрас молчел додека министерите се карале. Коѕијас поради тоа се почувствувал недоволно поддржан од премиерот, оценува Константинос Филис, директор за истражувања во атинскиот Институт за меѓународни односи. „Тоа прво треба да можете да си го претставите: Коѕијас му дава поддршка на договорот за името на своја сметка и мора да гледа како Каменос авансира во спореден министер за надворешни работи, а Ципрас притоа не му кажува каде му е местото“, вели Филис за ДВ. И конзервативниот коментатор Арис Портосалте е сигурен: „Имало кавга меѓу Коѕијас и Каменос и господин Цирас недвосмислено се одлучил за Каменос.“

Griechenland Verteidigungsminister Panos Kammenos (Louisa Gouliamaki/AFP/Getty Imagesreek Ministry of Defence)Панос Каменос е јуниор партнер во грчката влада од 2012 година

Компромисот со Македонија не е загрозен. Или сепак е?

Притоа, Ципрас не го доведува под знак прашалник договорот за решавање на долгогодишниот спор за името со Македонија. Напротив, одлуката сега тој да го преземе Министерството за надворешни работи ја нагласува неговата одлучност за спроведување на „историскиот договор“, изјави тој за грчката државна телевизија ЕРТ.

Министерот за одбрана Каменос уште од моментот на ставањето потпис на договорот изјави дека го отфрла компромисот со Македонија и дека ќе гласа против во парламентот. Кај Ципрас веројатно се вклучиле ѕвоната за аларм, зашто шефот на деснопопулистичката АНЕЛ од 2012 година е јуниор партнер во владата. Доколку парламентот во Скопје даде поддршка за промена на името, договорот ќе се најде и во грчкиот парламент, најдоцна до март 2019 година.

Повеќе: Оставка на грчкиот министер Коѕијас поради кавга околу договорот со Македонија

Сега премиерот Ципрас е во контроверзна ситуација. Тој му дава поддршка на договор со Македонија, но дозволува Кпоѕијас, најголемиот поддржувач на договорот, да поднесе оставка, додека најголемиот создавач на проблеми, Каменос, сѐ уште седи на владината маса.

Тоа е политички цинизам, вели политикологот Филис. „Што и да се случи во март, премиерот очигледно пресметал дека за него е многу подобро дотогаш да владее заедно со Каменос, отколку да се ослободи од него и да отвори врата за нови избори.“

Што вели Коѕијас за најновите случувања? „Премиерот и редица министри го направија својот избор, по што јас го направив мојот избор“, напиша тој на Твитер вчеравечер. Интересно ќе биде во понеделник, кога Коѕијас на Крит треба да одржи говор кој е одамна најавен. Грчките медиуми тврдат дека дознале оти Коѕијас со своите изјави наредната недела „сака да предизвика политички земјотрес“. Тоа не е потврдено, но многу Грци се сеќаваат на една стара изрека на Коѕијас: „Еден министер за надворешни работи не треба да држи говори многу често, за кога ќе одржи говор да биде и слушнат.“

Griechischer Außenminister in Ankara (picture-alliance/AP Photo/B. Ozbilici)Коѕијас во понеделник ќе држи говор на Крит, со кој, според грчките медиуми, сака да предизвика „политички земјотрес“

Нов почеток во грчко-руските односи?

Останува уште прашањето – дали во мандатот на Ципрас може да се очекува ново ориентирање на надворешната политика на Атина. Според политикологот Филис, големи промени не се веројатни, со еден исклучок: „Можно е повторно приближување со Русија. По протерувањето на двајца руски дипломати во јули, дојде до вербални ‘престрелки’ меѓу Атина и Москва, а Коѕијас не презеде ништо за деескалација на тензиите. Напротив, со остри изјави продолжи да ги провоцира Русите“, вели Филис.

Според грчките медиуми, причина за протерувањето бил обидот на Русија „да се меша во внатрешните работи на Грција“ и особено да го поткопа решавањето на спорот за името со северниот сосед. Според телевизијата Скај, тензиите со Москва уште тогаш предизвикале заладување на односот на грчкиот премиер со министерот за надворешни работи. Сега Ципрас, како што се чини, сака да направи обид за нов почеток – веројатно на почетокот на декември тој во улога на премиер и на министер за надворешни работи ќе ја посети Москва.

DW.COM

Слични содржини