Осуда за навредите на „Гробарите“: „Мала група на хулигани не го претставуваат јавното мислење на Србите за Македонците“

од Nikola Popovski

Синоќешниот ракометен натпревар меѓу Партизан и Вардар во Белград не можеше да помине без контроверзии, откако најжестоките фанови на белградскиот клуб испратија навредливи пораки од трибините упатени токму кон македонскиот народ. „Група со српско име, слави бугарски војник, мора да ви е тешко со таа идентитетска криза во главата“, пишуваше на транспарентите што ги кренаа на средбата, што е навреда за навивачката група Комити и самиот идентитет на Македонците како народ.

„Локално“ ги контактираше српските партии во Македонија во однос на тоа што мислат за синоќешните провокации. Од Српската напредна странка во земјава го критикуваа ваквиот наратив на популарните „Гробари“.

-Не го следевме натпреварот, конкретно не знаеме што се случило, но доколку имало такви случувања како партија и народи не го поддржуваме од мала група хулигани. По анкетите и Србите и Македонците се сметаат за два најблиски народи, ни рече Петар Милетиќ од СНСМ.

Петар Милетиќ

Потенцираат дека тоа е докажано и во моментите кога двете држави имале помош една кон друга.

-Во 1999 година се покажа дека македонскиот народ застана покрај македонскиот, во 2001 година српскиот народ застана покрај македонскиот народ. Такви настани и слогани не ги поддржуваме и ги осудуваме. Тоа се мала група на хулигани кои и во својата земја повикуваат на немили настани, додаваат од СНСМ за нашата редакција.

Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија во разговор за „Локално“ вели дека ова е опасен преседан и провокација.

Горан Илијевски

-Лошо е. Мора да се изреагира. Треба и реакција од македонското МНР, Ракометната федерација на Македонија, како и осуда од спортското друштво „Партизан“. Ако не се извинат, ова ќе продолжи. Ова е меѓународен натпревар треба да реагира и ЕХФ. Бараме објаснување како Партија на Македонците. Ова е директен удар на Македонците во Србија. На натпреварот синоќа имаше и Македонци од Србија. Вакво нешто да се случи е страшно и мора да се сопре. Се работи за класичен говор на омраза на национална основа, да не се повтори и работите да излезат од контрола. Верувам дека сите вистински навивачи на Партизан и во Србија и Македонија се оградуваат од ваквите провокации и ќе ги осудат, потенцира Илијевски.

Ваквото однесување на навивачите наиде на голема осуда во македонската јавност. Покрај навредливите транспаренти беа испратени и пораките „Јужна Србија, никогаш Македонија“, која алудира на тоа дека и радикалните фанови на Партизан ја сметаат Македонија за своја територија.

Се извикуваше и „Кој не скока, тој е шиптар“ – навреда насочена кон големиот број Албанци кои живеат во Македонија.

„Локално“ побара став и од МНР во однос на ваквото неприфатливо однесување и дали се планира да се испрати некаква протестна нота до српското МНР. До моментот на објавување на текстот не добивме одговор.

Н.П.

Слични содржини