Осум дена протести во Скопје, се бара отфрлање на францускиот предлог

од Nikola Popovski

Во Скопје вчера беше одржан осмиот последователен протест против францускиот предлог, кој би овозможил да се крене ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската унија.

Протестот под мотото „Ултиматум – Не благодарам“ започна вообичаено пред зградата на Владата, по што демонстрантите низ центарот на градот, покрај зградата на Министерството за правда стигнаа до последната точка-зградата на Собранието.

Демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „Ултиматум – Не благодарам“ и „Сега ние ќе победиме“, извикувајќи „Никогаш Северна, само Македонија“ и пеејќи патриотски песни.

Протестот помина мирно, а зградите на Собранието и на Министерството за правда беа под силно полициски обезбедување. На протестот присуствуваа и членови на опозицискиге ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои уште претходно изразија јавна поддршка.

Протест не се одржа во саботата поради муслиманскиот празник Курбан Бајрам, а не беше организиран ниту во петокот, кога незадоволството беше изразено со блокада во Скопје на булевар „Илинденска“ пред зградата на Владата и со блокади на главните магистрални патишта Штип – Велес, Струмица – Радовиш и Плетвар – Прилеп.

Владата во четврток ја испрати до Собранието „преговарачката рамка што ја презентираше Франција за време на претседавањето со ЕУ“, а неделава треба да се одлучи кога ќе се најде пред пратениците.

Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран од ноември 2020 година со бугарското вето поради спорови околу јазикот и историјата, а Брисел го поврза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Северна Македонија. Една година претходно, европскиот пат на овие две земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.

Протестите продолжуваат денеска исто така во 19 часот.

Слични содржини