Откако беше одбиен од Ред Бул и Мекларен, Порше веќе не сака да биде дел од Формула 1

од Vladimir Zorba

Формула 1 е на највисоко ниво во својата историја, Ауди наскоро ќе има свој тим, Форд ќе се здружи со Ред Бул, а Андрети своите планови ги прави со поддршка на Џенерал Моторс. Сепак, новиот извештај вели дека Порше се откажал од влегувањето во Ф1 светот.

Гласините за влезот на Порше во Формула 1 постојат долго време, но во мај 2021 година, тогашниот извршен директор на VW Group Херберд Дис потврди дека брендот од Штутгарт ќе ги искористи новите правила за 2026 година и ќе влезе во Ф1. И додека групацијата VW ќе ја претставува Ауди што ќе го преземе тимот на Заубер, се чини дека надежите за присуство на Порше се намалуваат. „The Race“ известува дека германскиот производител ја завршил својата формална проценка на програмата.

Порше планираше да купи 50 проценти од акциите на Ред Бул рејсинг и тоа ќе биде соодветен договор за производителот бидејќи ќе обезбеди мотор и капацитети за развој благодарение на одделот Ред Бул Пауертреинс. Сепак, набрзо стана јасно дека Ред Бул не сака да се откаже од контролата врз дивизијата и затоа одлучи да се здружи со Форд од 2026 година.

Ова го остави Порше со ограничени опции. Можноста Фолксваген да купи или инвестира во Мекларен, наводно, исто така пропадна, оставајќи го Порше со опција да ги ребрендира моторите на Ауди и да стане снабдувач на друг тим, но таа опција не е атрактивна. Со оглед на фактот дека нема други тимови за продажба, единствената опција на Порше е да започне од нула и да се пријави како нов тим бидејќи ФИА го отвора процесот за зголемување на бројот на тимови на гридот од 10 на 12 од 2025 година. Сепак, тргнувањето од „нула“ би претставувало значително повисоки финансиски инвестиции од претходните опции.

Доколку Порше успееше во својот план, тоа ќе беше негово прво враќање во Формула 1 по партнерството со Footwork во 1991 година. Со оглед дека плановите се „мртви“, Порше ќе се фокусира на својата програма во Формула Е и ќе се врати во Ле Ман.

Слични содржини