Откако ги разреши партиските челници,Заев најави смена на повеќе министри и избор на нова влада

од desk4

Промена на повеќе министри во Владата, како и заменици и други функционери најави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во изјава за новинарите по вчерашната седница на Централниот одбор на партијата на која беше разрешен Извршниот одбор, потпретседателите на партијата, тројцата секретари и координаторката на Форумот на жени. Заев при тоа кажа дека не гледа никаква причина да понуди оставка од премиерската функција.

-Ќе има промена на министерските позиции, заменици министри и други функционери во владата, како и дректори на ЈП, агенции, АД во државна сопственост, секаде каде буквално нема резултат, односно се покажала ароганција, се немало доблест, се намело демократски капацитет, успешност, ќе се случат промени. Ќе бидат, исто така сериозни какви што се овде во политичката партија, бидејќи само така е во ред, рече Заев.

Запрашан колку министри ќе бидат опфатени со промените, Заев не кажа конкретна бројка, но посочи дека ќе бидат повеќе од тројца без да каже детали за кои министри станува збор.

-Бројката не ја кажувам. Имајќи предвид дека досега се променети шест министри – за култура, правда, образование и тројца без ресор, јас сум блиску до вкупната бројка од една третина. Што значи првпат во јавноста се отвора дебата дека ќе одиме со избор на Влада, зашто ако сменам само двајца или повеќе од двајца го исполнувам лимитот од најмалку една третина за да има реконструкција на влада. Тоа е советот од министерката за правда и правници со кои што разговаравме, што значи ќе има повеќе од тројца и во такви околности секако ќе ги соопштиме навреме кога ќе ги донесеме сите одлуки, рече премиерот Заев.

Очекува да добие фидбек веќе следната недела и од лидерот на ДУИ Али Ахемти, од  Алтернатива на Африм Гаши, Мендух Тачи од ДПА, како  и од сите претставници на коалициските партнери, со кои разговараат, бидејќи како што рече, има слаби функциониери кои треба да бидат заменети и да дојдат нови.

На новинарско прашање Заев рече дека нема да понуди оставка, бидејќи, според него, оваа Влада и тој како премиер може да држат лекции за успешност.

-Ако држиме лекција на успешност овој премиер, оваа влада, оваа владеачка гарнитура тоа го направи. Ги реши сите отворени прашања во државата. Ние сме горди и не гледам никаква причина Зоран Заев да понуди оставка, затоа што го сплотивме нашето мултиетничко општество и се гордееме со тоа и чекориме понатаму кон негово усовршено сплотување заради тоа што новиот концепт на новата структура – новото министерство за политички систем е да завршиме со Рамковен договор и да одиме кон граѓаните. И тој чекор го правиме, рече Заев,

Тој посочи на решавањето на проблемот со Бугарија, со Грција, на економските параметри што кршат нови рекорди, остварените 625 милиони странски инвестиции, раст на БДП  од 3,7 отсто, и очекувањата првиот квартал да биде над четири отсто. -Нема да бидеме задоволни. Очекуваме експанзија и сите земји тоа го постигнале кога влегувале во НАТО  и ЕУ и ние тоа ќе го постигнеме. Тоа ќе биде максимизирано ако ги усовршиме нашите перформанси како човечки капацитети, институциите, невработеноста сега е 19,4 отсто, расте индустриското, извозот….Овие бројки се надежни и ми даваат за право да кажеам дека не ми паѓа на памет Зоран Заев да направи таков чекор. Јас сум доблесен, јас сум релаксиран во многу прашања, овие успеси се само мотивација да се реорганизираме да бидеме уште поуспешни, порача Заев.

Сите заедно на последните избори, додаде, покажавме победа, избравме претседател, со разлика од околу 60 илјади гласови и ние сме горди, истовремено доблесни да кажеме каде сме слаби и тоа е голема предност на СДСМ во однос на опозициските партии кои тоа може да го сонуваат.

Нагласи дека на испразнетите места ќе дојдат, пред се нови кадри, а денешното кадровско решение за нов генерален секретар, како и другите разрешени партиски функционери, рече, се суштински и сериозни одлуки и не се лесни.

МЕТЛАТА НА ЗАЕВ НАПРАВИ БУРА ВО СДСМ- РАЗРЕШЕНИ ИЗВРШНИОТ ОДБОР, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ И ПАРТИСКИТЕ СЕКРЕТАРИ

Осврнувајќи се на состојбите во  ВМРО-ДПМНЕ, Заев рече дека во опозициската партија состојбата е полоша од времето на Никола Груевски.

-ВМРО-ДПМНЕ нека ги следат овие доблесни примери. Таму се е за менување. Јас работев со Никола Груевски, сега таму состојбата е полоша. Од овој одговор вие заклучете каква е состојбата. Мое не е да работам за подобрување на опозицијата, но мое е да повикам државата да има сериозна и одговорна опозиција, затоа што само на тој начин власта ќе биде поодговорна и поисполнитела, рече Заев

Слични содржини