ОТКАЖАНА ТРКАТА ВО ЈАПОНИЈА: Комплицирана ситуација поради пандемијата на коронавирус

од Stefanija Kuzmanovska

Трката во Формула 1 за ГП на Јапонија беше откажана и оваа година поради пандемијата на коронавирус, беше објавено од раководството на шампионатот.

Трката првично требаше да се вози на патеката Сузука на 10 октомври.

„По разговорите со организаторите и властите во Јапонија, тамошната влада одлучи да ја откаже трката поради сложената ситуација поврзана со пандемијата на коронавирус во земјата. Формула 1 сега работи на деталите за ревидираниот календар и конечните одлуки ќе бидат познати во наредните недели“, се вели во соопштението на Формула 1, пренесено од АП.

Трката за Големата награда на Јапонија последен пат се одржа во 2019 година, кога победата ја забележа возачот на Мерцедес, Валтери Ботас.

Покрај трката во Јапонија, оваа сезона се откажани и трките за ГН на Австралија, Сингапур и Канада.

„Формула 1 оваа година и во 2020 година докажа дека е можно да се адаптира и да најде решенија за постојните неизвесности и возбудени сме поради нивото на интерес за домаќин на трката“, се додава во соопштението.

Следната, 12 -та трка во шампионатот ќе се вози на 29 август за ГН на Белгија.

Слични содржини