Откриен нов случај на злоупотреба во судот во Штип, ќе има ли нови разрешувања на судии?

од Vladimir Zorba

По одлуката на Судскиот совет за утврдување на одговорност и за разрешување на судија од Основниот кривичен суд, се одмотува ли клопчето за злоупотреба на позицијата и на други судии во други судови?

За несоодветни судски решенија и злоупотреба на позицијата на судии во судските спорови, пишува и денешниот број на неделникот Фокус. Тој го пренесува тврдењето на грчката компанија „Интраком“ дека токму заради злоупотребата на позицијата на одредени судии и судови е забавена изградбата на штипската болница и странската компанија е вовлечена во домашните судски лавиринти. Имено, како што наведува вчерашното издание на Фокус, соработката меѓу Интраком и Бетон Штип траела до 2018 година, кога Интраком еднострано го раскинува договорот откако со месеци страгнирала изградбата, биле пробиени се сите рокови и Интраком ја презема обврската самостојно да го заврши објектот. Оттука и веќе почнуваат проблемите меѓу двете компании, како и нивната битка по судовите.

„Во 2018 година имаше судски спор со Бетон Штип, кој заврши со пресуда во корист на Интраком, која стана правосилна со одлука на Апелационен суд во Скопје“ – тврдат од компанијата Интраком. Две години по овој случај ни беа блокирани сметките и дознаваме дека Бетон Штип поднел идентична постапка пред судот во Штип а судот во Штип донел одлука без какво било учество од наша страна.

Интраком не бил известен од судот дека е поведена втора постапка и не му било дадено право да учествува во оваа постапка, така што одлуката станала конечна и парите биле собрани од сметките“ – стои во изјавата на Интраком за неделникот Фокус.

Интраком преку адвокатското друштво поднел предлог за повторување на постапката бидејќи на тужениот, со незаконито постапување, односно со пропуштање на доставувањето не му била дадена можност да расправа пред судот.

По добиените информации од банката за присилната наплата, Интраком преку своите адвокати бара и остварува увид во решенијата на судот и постапката и со вешт доказ на графолози докажува дека Интраком не примила било какво решение од судот и немала можност да ја обжали пресудата. Според документите кои ги објавува Фокус а потврдени од судските вештаци, доставницата е фалсификувана односно потпишана со фалсификат потпис.

Покрај овој крајно спорен момент, Интракат во својата жалба му ја доставува на судот во Штип одлуката на Скопскиот Апелационен суд во која стои дека „за спорови меѓу компанијата Бетон Штип и Интраком не се надлежни македонските судови, туку во бизнис договорот помеѓу двете компании стои дека во случај на спор тој се решава од Арбитражниот на Меѓународната стопанска комора во Париз“ – факт кој исто така е игнориран во судската постапка.

Адвокатското друштво што ја застапува грчката компанија, главната вина ја гледа токму во злоупотребата на позицијата на судијката и поднесува и претставка до Судскиот совет на Македонија за утврдување одговорност на судијката Лилјана Јанкова од Штип, која според претставката, како водечки судија постапила нестручно и несовесно во вршењето на својата функција и нанела огромна штета на Интраком.
Случајот во моментот е стигнат до штипска Апелација, каде што полномошникот на Интраком бара изземање на судијката која го води судскиот процес, Сузана Здравева. Според текстот во Фокус, таа е мајка на еден од адвокатите што работи во адвокатското друштво што го застапува „Бетон Штип“, поради што постои конфликт на интереси.

Останува прашањето ќе ги разгледува ли Судскиот совет овие злоупотреби? И дали ќе продолжи со праксата на разрешување судии како што бевме сведоци последните денови? Ќе ставиме ли како држава крај на злоупотребите на судството за лични интереси и да ја вратиме довербата во македонското судство?

Слични содржини