Откриена најголемата џиновска „стоногалка“, шетала во Англија пред диносаурусите

од Vladimir Zorba

Џиновски стоногалки со големина на автомобил и тешки 50 килограми кои ловеле на подрачјето на северна Англија утврдија експерти по откривањето на фосил стар 326 милиони години.

Најголемиот фосил на џиновска стоногалка е откриен случајно на плажата во селото Ховик, откако дел од карпата се откорнал и паднал на брегот.

За да ја достигнат таа големина, овие суштества, попознати како Arthropleura, морале да се хранат со растенија со висока хранлива вредност, а можно е да биле предатори кои се хранеле со други безрбетници и мали водоземци.

Ова суштество е составено од неколку елементи на егзоскелетот, а неговиот изглед бил многу сличен на денешните стоногалки.

Ова е само трет пронајден фосил од овој вид, а воедно е и најголем и најстар. Зачуван е благодарение на песокот покрај коритото.

Дел од пронајдениот скелет е долг 75 сантиметри, а научниците веруваат дека целото животно со две нозе било долго 2,7 метри и тешко 50 килограми.

Откриениот сегмент датира повеќе од 100 милиони години пред ерата на диносаурусите.

Во тоа време, Велика Британија беше блиску до екваторот, поради што температурите беа високи.

Фосилот бил откриен во јануари 2018 година од поранешен докторант кој го забележал додека шетал на плажа.

„Ова е сосема случајно откритие“, вели д-р Нил Дејвис од Кембриџ и главен автор на трудот за фосилот. „Карпата пукна за време на падот на таков начин што фосилот беше совршено изложен кога беше забележан од еден од нашите поранешни докторанти“, додаде тој.

Владината агенција Natural England, локалните власти на Ховик и сопствениците на земјата во која е пронајден фосилот, дале дозвола тој да биде однесен на анализа на Универзитетот во Кембриџ.

Фосилот бил толку голем што четири лица морале да го носат.

„Не можеме со сигурност да кажеме што јаделе овие суштества, знаеме дека тие имале пристап до многу хранливи јаткасти плодови и семиња, а можно е тоа да биле предатори кои се хранеле со други безрбетници и мали членконоги“, рече Дејвис.

Овие суштества ползеле низ екваторијалниот регион 45 милиони години пред да исчезнат. Се претпоставува дека причина за тоа е глобалното затоплување, поради што климата станала пресушена за нивниот опстанок, а можна причина се и влекачите кои ги надминале во борбата за храна.

Фосилот ќе биде јавно изложен во музејот во Кембриџ следната година. Резултатите од истражувањето се објавени во списанието Geological Society.

Слични содржини