Отворен ли е патот за да се одблокира Собранието?

од Берта Китинска

До крајот на неделата треба да се финишира Законот за државјанство, а треба да се одблокираат и законите со кои се овозможува граѓаните и фирмите да ги користат економските мерки од петтиот пакет помош.

По вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателите на опозициските партии на Албанците – Зиадин Села и Африм Гаши, сите се изјаснија дека се на добар пат да се постигне конечно решение за да можат граѓаните без државјанство да ги добијат потребните документи и да ги уживаат правата како рамноправни граѓани.

Се договорија да ги известат и другите политички партии од опозицијата за постигнатиот компромис и да се договорат да ги повлечат амандманите со цел да ја одблокираат работата на собранието.

Собранието е затрупано со десетици илјади амандмани од речиси сите партии, и тешко дека работата може да се одглави без договор меѓу политичките партии. Опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива има поднесено околу 30 илјади амандмани, ВМРО-ДПМНЕ скоро 6000, а Левица над 1000 амандмани на различни закони.

Претседателот на Алијансата за Албанците Африм Гаши ги повика опозициските партии – ВМРО-ДПМНЕ и Левица да не бидат пречка за донесување на овој закон и да ги повлечат нивните амандмани поднесени на предлог-законот од Алијансата и Алтернатива.

Слични содржини