Отворен новиот адреналински парк: Скопје добива современ спортско-рекреативен центар

од Nikola Popovski

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов и на Општина Карпош, Стефан Богоев извршија увид и присуствуваа на отворањето на нов модерен спортско-адреналински парк на кејот на Вардар во населбата Карпош 4.

Притоа, по обиколката на паркот, кој се протега на над 10.000 метри квадратни, премиерот Заев го истакна овој проект како исклучително значаен, не само за жителите на Општина Карпош, туку и за скопјани и за сите граѓани кои сакаат адреналински атракции и имаат авантуристички дух.

„За овој ултра модерен адреналински парк сакам да упатам благодарност за поддршката до Делегацијата на Европската унија, која препозна успешен проект и на Општината која аплицираше на повик и беше доделен грант во висина од 38 милиони и 100 илјади денари во рамки на Проектот за локална и регионална конкурентност преку Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и Светската банка. Дел од инвестицијата е и на локалната самоуправа, која во овој проект вложи околу шест милиони денари со што вкупната вредност на адреналинско-рекреативниот парк е над 700.000 евра“, рече премиерот Заев по обиколката на реквизитите и одделните секции на новиот парк, која ја изврши заедно со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската унија во нашата земја, Дејвид Гир, со претставници на Проектот за локална и регионална конкурентност, на Светската банка и на компанијата која ќе раководи со паркот.

Премиерот Заев нагласи дека паркот е од полза за граѓаните заради тоа што се наоѓа на простор кој претходно беше неискористен и запуштен, а во иднина ќе пружи можност за рекреација и занимавање со спортски активности на граѓаните од сите категории, децата, младите и повозрасните.

„Ние како Влада, остануваме на определбата да даваме поддршка на локалните самоуправи и да поддржуваме политики, кои се однесуваат на создавање подобри услови за граѓаните, не само во однос на подобро образование и работни места, туку и подобри услови за искористување на слободното време, посветување на рекреација и спортските активности.

Целта е дословно да ја примениме максимата „Во здраво тело-здрав дух“!

Изминатиов период, повеќе од година и пол, соочувајќи се со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 видовме колку е важно здравјето.

Затоа, си поставивме цел и во овој втор мандат да ги подобруваме и зголемуваме можностите за што поголем број на граѓани од сите возрасти да се занимаваат со спорт и спортски слободни активности.

Да обезбедиме „спорт за сите”, рече премиерот Заев на отворањето на новиот адреналински парк.

Слични содржини