Отворена е истрага за избегнатиот судир на два авиона над Скопје

од Nikola Popovski
21 прегледи

Поднесена е пријава и отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините по објавите за избегнатиот судир на два авиона над Скопје на 7 септември, информираа денеска од М-НАВ.

-На 7 септември во 18.30 часот поднесена е пријава за безбедосен настан во пропишаниот рок од извршителите кои работеле на засегнатиот сектор. Согласно правилата и пропишаните процедури, пријавата е регистрирана од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) и доставена до Агенцијата за Цивилно Воздухопловство. Исто така, согласно важечките процедури, од страна на одделението ИМС (Integrated Management Systems) отворена е истрага за утврдување на фактичката состојба и причините за настанот. Би сакале да укажеме дека ваквите настани како и секаде во Европа, секогаш се навремено пријавени и процесирани од сите релевантни одделенија, служби и институции, согласно постоечките правни процедури, наведе М-НАВ преку соопштение.

Претходно беше обелоденето дека и Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) постапува по настанот пријавен од М-НАВ.

Авионите ТК1358 на „Туркиш ерлајнс“, кој летал од Мадрид до Истанбул и „Санекспрес“ кој од турскиот крајбрежен аеродром Даламан летал за Лондон-Гетвик за малку ќе се судреле над Скопје на 7 септември, а снимка од веб-страницата за следење летови Флајтрадар24, сугерира дека авионите ќе се судреле над скопско Миладиновци.

Непосредно пред да се разминат, едниот се кренал на 36.325 стапки, а другиот се спуштил на 35.475 стапки. Според правилата на авиосообраќајот, меѓу авионите треба да има 2.000 стапки вертикална далечина.

Слични содржини