Отворени новите простории на бугарскиот културен центар: „Убав настан, целта е зближување на народите“

од Nikola Popovski

Ова денес е убав настан. Многу ми е драго што се отвори културен центар на Бугарија во Северна Македонија, изјави денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод отворањето на новите простории на бугарскиот културно-информативен центар, кој отсега се наоѓа во непосредна близина на плоштадот „Македонија“ во срцето на Скопје.

Таа порача дека целта на овие центри е ширење на културата и зближување со нашите народи.

-Секој политичар треба да сноси одговорност за она што го изјавува. Таквите изјави не се европски и таквите изјави воопшто не одат во прилог на ваков убав настан, како што е денешниот, рече Стојчевска како одговор на новинарско прашање околу присуството на бугарскиот пратеник и лидер на националистичката партија Преродба, Костадин Костадинов во контекст на неговите претходни изјави дека „Македонија е втора бугарска држава“.

Бугарскиот културен центар е основан во 2006 година по Договорот меѓу владите од април 2003 година. Новата зграда има библиотека со над 9.000 книги, читална со 1.000 изданија на бугарски јазик, сала за културни настани, филмски проекции и изложби.

Свеченото пуштање во употреба на новата зграда на бугарскиот културен центар се одвива во сенка на уште еден напад врз бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, каде што беше пукано од пиштол од автомобил во минување.

Улицата во центарот на Скопје каде што беше отворен бугарскиот КИЦ беше затворена за пешаци и под силно полициско обезбедување.

На настанот присуствуваа министерот за култура на Бугарија, Велислав Минеков, Антонија Велева – директор на бугарскиот КИЦ и бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов.

Слични содржини