„Ова не е турско, ќе се спротивставиме“, му рече Вучиќ на Ердоган за Косово

од Nikola Popovski

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека Србија ќе се спротивстави доколку има ново лоби за признавање на независноста на Косово.

На прашањето за најавата на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, дека ќе го засили лобирањето за независноста на Косово, Вучиќ за ТВ Пинк изјави дека тоа е реално, бидејќи Турција е суперсила, а Ердоган е голем лидер.

„Ќе се обидам да разговарам со него. До 1 септември, според Вашингтонскиот договор, обете страни имаат обврска да не лобираат за признавање или поништување на признавањето. Ако тие ја започнат акцијата за признавање од 1 септември, или можеби пред тоа, ние ќе се спротивставиме“, потенцира тој.

Вучиќ посочи дека Турција е голема сила, дека тој е мал и занемарлив во споредба со Ердоган, но подвлече дека Србија не е толку мала за да не се обиде да се спротивстави.

„Србија го штити своето. Ова не е турско, ѝ припаѓа на Србија. Единствено што ни преостанува е да се бориме за нашата земја и за нашиот народ. Тој е многу моќен, а ние не сме, но верувам дека малку ќе ја омекне својата позиција“, рече Вучиќ.

Тој посочи дека Србија нема друга алтернатива освен да се бори за својата земја.

„Ќе видите дека не сме толку мали како што понекогаш велам“, рече претседателот, а пренесе Танјуг.

Слични содржини