Ова се најпопуларните видови пица во светот

од Elena Daskalova

Веќе на сите ни е познато дека првично пицата била храна на сиромашното италијанско население, која се правела од остатоци од претходни оброци, наредени врз тенко тесто.

Но, со тек на време добила интернационална популарност, а со тоа се појавиле и многу различни начини на подготовка. Затоа и денеска постојат стотици видови пица и секој има најмалку една омилена.

Тајната на пицата е тенкото и крцкаво тесто, премачкано со сос од домати, а останатите состојки се комбинираат или според рецепт или пак, според индивидуалниот вкус на оној кој ја подготвува.

Ова се петте најпопуларни видови пица во светот:

Маргарита

Се работи можеби за наједноставната комбинација на состојки. Врз тестото има доматен сос, моцарела и босилек, а според желбата може да се додадат и парчиња домати и да се попрска со маслиново масло.

Капричиоза

Ова е најкомерцијалниот вид пица, со печурки, шунка, кашкавал или моцарела, оригано, а може и да се додадат и маслини. Со додаток павлака, се добива пицата позната како стелато.

Кватро стаџони

Површината премачкана со доматен сос се дели на четири делови и на секој се става различна намирница. Во оригиналниот рецепт, на целата пица има рендана моцарела, една четвртина се прави со сувомесни производи, другата со печурки, третата со маслинки и четвртата со зеленчук.

Кватро формаџи

Се работи за пица без никакво месо. Наместо тоа, рамномерно се распоредуваат моцарела, горгонѕола, едамер и пармезан. Може да се додаде оригано и маслиново масло.

Вегетаријана

Врз доматниот сос и моцарелата се ставаат печурки, домати, кромид, свежа пиперка и маслинки.

Слични содржини