Оваа учебна година ја почнуваме многу поподготвени, вели Шаќири

од Берта Китинска

Учебната година ја почнуваме далеку поподготвени од неколкуте изминати години, учениците од првиот ден ќе имаат учебници и помошни материјали. Ги повикувам директорите да бидат ажурни и да ги преземат од општините, рече денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

На прес-конференција на која направи осврт за работата на МОН откако тој го предводи, Шаќири рече дека интензивно се работело на новите наставни програми за прво, второ, четврто и петто одделение, за кои Бирото за развој на образованието подготвило интересни и интерактивни содржини и се изработуваат нови учебници. Тие со во различна фаза на одобрување, а за да имаат учениците од што да учат, подготвени се материјали за учење за првото тримесечје.

Шаќири потсети дека во изминатиот период со СОНК е постигнато, како што рече, историско покачување од 15 проценти за платите на наставниците кои ќе ги добијат со септемвриската плата. Со Синдикатот ќе следува дефинирање и потпишување нови колективни договори за основно и за средно образование и ќе бидат во дијалог за политики за подобрување на квалитетот на образованието.

На прес-конференцијата во Владата Шаќири истакна дека е значително зголемен бројот на образовни асистенти финансирани од буџетот на МОН кои ќе работат со ученици со атипичен развој вклучени во редовната настава – од 500 лани, оваа учебна година ќе бидат 720.

Посочи на зголемениот број дуални паралелки за унапредување на средното стручно образование – од 97 минатата година, сега се 200 со опфатени 2700 ученици, минатата година биле вклучени 250 компании, а во оваа година се вклучени 400 компании во овој проект.

За капитални инвестиции во образованието, рече Шаќири, втора година буџетот е над милијарда денари односно два и пол пати повеќе од претходните години. Соопшти дека летово се реконструирале училишни објекти во повеќе општини и се градат нови училишта. Се осврна и на различните категории студентски стипендии за подобрување на студентскиот стандард, а за науката со буџет од 218 милиони денари се финансираат проекти на јавните научни установи и опремување на лабораториите.

Слични содржини