Падна владата на Абазовиќ

од Vladimir Zorba

Парламентот на Црна Гора доцна синоќа и изгласа недоверба на малцинската Влада на Дритан Абазовиќ, нешто повеќе од 100 дена по нејзиниот избор.

За недоверба на Владата гласаа 51 присутен пратеник, од кои еден беше против, а 50 беа „за“.

Падот на Владата го поддржаа пратениците на партиите кои ја иницираа промената, предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС), а неопходното мнозинство го обезбедија Демократите на Алекса Бечиќ, Бошњачката партија, Десницата на Црна Гора и Обединета Црна Гора.

Бошњачката партија беше дел од Владата на Абазовиќ, додека другите членови, Социјалистичката народна партија (СНП) и коалицијата собрани околу движењето УРА, го бојкотираа гласањето, како и Демократскиот фронт (ДФ).

Против беше претседателката на Собранието, Данијела Ѓуровиќ од СНП.

По падот на Владата можни се две опции, преговори за формирање на нови или парламентарни избори. Во вториот случај, потребно е да се скрати мандатот на Собранието, додека постојната Влада би била во технички мандат.

Промената на Владата поради потпишувањето на Темелниот договор и „блокадата на евроинтеграциите“ ја иницираа 36 претставници на Демократската партија на социјалистите (ДПС), Социјалдемократската партија (СДП), социјалдемократите (СД) , Либералната партија (ЛП) и Демократскиот сојуз на Албанците (ДУА).

Во завршниот говор Абазовиќ изрази надеж дека брзо ќе се формира нова влада, ќе се добие нов мандат и дека претседателот на ДПС, Мило Ѓукановиќ ќе понуди мандат на една од партиите кои го поддржаа падот на неговата влада.

„Ако тоа не се случи, тоа е неодговорно и граѓаните треба да знаат дека сте ги турнале во нестабилност. Сакам да верувам дека имате план за продолжување понатаму. Црна Гора со многу тешкотии се движи кон нови нивоа на демократија“, рече Абазовиќ.

Пратеникот на ДПС и претставник на иницијаторот Данијел Живковиќ пред гласањето изјави дека иницијативата не била договорена со никого, туку дека е понудено на секој од 81 пратеник да се изјасни за неа.

„Каква и да е судбината на иницијативата, вашата Влада е делегитимирана со вашите постапки. Ја оттргнавте Црна Гора од европскиот пат. Ветивте дека ќе завршите дел од обврските за Црна Гора да стане членка на Европската унија (ЕУ)“, рече тој.

Слични содржини