Палмер: ЕУ не и кажа „не“ на С.Македонија

од Viktor Jovanov

Заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Балканот во Американскиот Стејт Департмент, Метју Палмер, смета дека е не фер и разочарувачка одлуката на Европскиот совет да не и даде на Република Северна Македонија датум за отпочнување на преговорите со Европската унија. Сепак според него ова не значи „не“ од страна на ЕУ .

„Мислиме дека не беше фер одлуката на Европскиот совет. Комисијата препорача отварање на преговорите. Северна Македонија го заслужи правото да ги почне преговорите, длабоко е разочарувачка одлуката на ЕУ да не ги почне преговорите, но ќе повторам, тоа не беше „не“ од страна на ЕУ“, вели Палмер за 360 степени.

Според Палмер причината за оваа одлука на Европскиот совет е разгледување на внатрешните проблеми во Унијата кои е неопходно да се решат пред проширувањето со Македонија и Албанија. Како што вели тој, оваа моментална одлука не би требало да се одрази негативно во однос на Преспанскиот договор.

„Се надевам дека преговорите ќе почнат што побрзо. Мислам дека сите ќе разберат дека е вредно да се задржат партнерски односи помеѓу Северна Македонија и Грција, ние ќе соработуваме со партнерите во Скопје без разлика кој ќе победи на изборите, се со цел Европска иднина на Скопје. Ќе ја потенцирам силната поддршка за договорот од Преспа кој е фундаментален за евроатлантската иднина на државата, која наскоро ќе ни стане партнер во НАТО“, рече Палмер.

Како што вели американскиот заменик-помошник државен секретар, на Франција и е укажана разочараноста која постои кај САД поради непостигнувањето консензус за проширување на Европската унија.

-Им кажавме на француските партнери дека сме длабоко разочарани за позициите на Франција и ги охрабривме да се постигне консензус во ЕУ, да дојдат до договор за потоа С. Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, вели Палмер.

Според Палмер Русија ќе работи против европските аспирации на државата исто како што се работела против членството на Северна Македонија во НАТО.

-Мислам дека Русите ќе работат против европските аспирации на С. Македонија како што работеа против членството во НАТО на земјата, но за среќа не успејаа. Се надевам дека во следните месеци во Брисел ќе се крене знамето на Северна Македонија пред седиштето на НАТО и јас сигурно дека ќе присуствувам на тоа, вели Палмер.

Слични содржини