Панчо од ДНК: Присуството на публиката на роденденскиот концерт ќе ни биде поклон за јубилејот

од Stefanija Kuzmanovska

Дојде и тој ден да славиме 20 години постоење. Се што може да најавиме е дека ќе дадеме многу љубов на сцена и ќе има позитивна енергија. Многу ни е драго дека има одличен интерес и веруваме дека луѓето што ќе дојдат ќе си поминат убаво, а воедно ќе ни направат чест со нивното присуство и тоа ќе го сметаме како поклон за овој јубилеј, истакна Владимир Блажев – Панчо во интервју за „Локално“, по повод роденденскиот концерт на ДНК во сабота.

„Како гости на концертот ќе се појават: Наум Пртрески, Џамбо Агушеви, Тамара, Ена, Јанг Дади, Таско, Мина Блажев и уште некои изненадувања“, наведе Панчо.

Откри дека е во контакт со Врчак и смета дека би било супер да се врати на сцената.

„Нормално дека сакаме да се врати, тој беше одличен и публиката многу го сакаше и почитуваше. Би било супер да се врати“, вели тој.

Во сабота, на 3 декември, во спортската Арена „Борис Трајковски“ ќе одржите роденденски концерт по повод 20-годишнината од постоењето на ДНК. Кажете ни нешто повеќе околу концертот. Што можеме да очекуваме? Кои гости од македонската естрада ќе ви прават друштво на сцената?

– Дојде и тој ден да славиме 20 години постоење. Се што може да најавиме е дека ќе дадеме многу љубов на сцена и ќе има позитивна енергија. Многу ни е драго дека има одличен интерес и веруваме дека луѓето што ќе дојдат ќе си поминат убаво, а воедно ќе ни направат чест со нивното присуство и тоа ќе го сметаме како поклон за овој јубилеј. Како гости ќе се појават: Наум Пртрески, Џамбо Агушеви, Тамара, Ена, Јанг Дади, Таско, Мина Блажев и уште некои изненадувања.

На само неколку дена до концертот се останати уште многу малку карти. Со секоја купена карта граѓаните покажаа и хумана страна, бидејќи дел од средствата ќе бидат наменети за фондацијата „Марко Божиновски“. Која порака сакате да ѝ ја испратите на јавноста во однос на донирањето на оние на кои им е најпотребно?

– Да продолжат да се хумани. Ние осеќаме општествена и морална одговорност и тоа го правиме секогаш кога има потреба. Овој пат се одлучивме дел од приходот на продадени влезници да иде токму во фондацијата „Марко Божиновски“, а они понатаму знаат каде и на кого треба да помогнат.

Од каде најмногу црпите инспирација за своите песни?

– Од секојдневието, од животот, од луѓето околу нас, од книги, филмови и разни случки…

Како ја оценувате актуелната македонска музичка сцена?

– За жал, доста лоша, но не треба да се откажуваме и секогаш треба да сме оптимисти, мора да дојдеме до светлото на крајот од тунелот… кога тогаш.

Кој музичар ви е идол од странската, а кој од домашната музичка сцена?

– Па имам многу на кои им се восхитувам и имам повеќе, но ако треба да издвојам по еден од Македонија би го избрал без размисливање Лазар Цветкоски, а од странците Rick Rubin.

Често го споменувате Врчак и дека сакате да се врати на македонската музичка сцена. Дали сте во контакт со него? Дали можеме да очекуваме враќање на неповторливиот Раде Врчаковски-Врчак?

– Па да, сме во контакт, можеби не секојдневно но знаеме да си пишеме од време на време. Нормално дека сакаме да се врати, тој беше одличен и публиката многу го сакаше и почитуваше. Би било супер да се врати.

Покрај роденденскот концерт во сабота, идни настапи и планови?

– После концертот веќе имаме закажано 3 настапи, но за тоа ќе објавиме по концертот кој засега ни е приоритет.
Се гледаме во сабота!

С.К.

Слични содржини