Пандемијата брзо се шири во земјава, на сила нови анти-ковид мерки

од Берта Китинска

Вчера процентот на позитивни тестови беше 37,1% повторно беше исклучително висок .

Главниот град повторно на врвот на листата и по бројот на заразени и по статистиката на починати од Ковид -19.
Вчера стартуваше спроведувањето на анти-ковид мерките усвоени од Владата, со кои угостителските објекти се затвораат во 21 часот, забрането е групирање во ноќните часови и се препорачува граѓаните да не се движат непотребно на отворено.

На владината седница донесена е и одлука за забрана за групирање на повеќе од 4 лица на јавен простор по 21 часот, како и препорака за сите домашни и странски граѓани на територијата на државата по 21 часот да не се движат на јавен простор доколку немаат важни и неопходни потреби.

Угостителите се револтирани од новите мерки

Од Независна угостителска комора велат дека епидемиолозите кои укажуваат и со прст покажуваат дека најголем број од заразените се од организирањето на забави во угостителските објекти, приватни куќи и вили јавно да ги објават податоците што ги имаат и да не ја оцрнуваат угсотителската индустрија оправдувајќи ги на тој начин погрешните препораки што ги даваат во континуитет за начините на превенција и справување со пандемијата Ковид-19.

„Навистина како угостители се срамиме од вчерашната изјава во медиумите со која организирањето на забави во угостителските објекти и понатаму се користи како изговор и причина за енормните бројки на позитивни на Ковид-19 кога сите знаеме дека истите прво СЕ ЦЕЛОСНО ЗАБРАНЕТИ уште од првото донесување на протоколите, а дополнително со ограничувањето на последните крпеници од препораки, воопшто не постојат во угостителските објекти изминатите 30 дена.

Кожната клиника и Неврологија нови ковид-центри

Напливот на болни од коронавирус на кои им треба болничко лекување ја реорганизира работата на Клиничкиот центар, јавуваат од Министерството за здравство.

Во болниците веќе се направени посебни оддели каде ќе се лекуваат пациентите со ковид кои ќе бидат одделени од пациентите кои ќе имаат потреба од редовни прегледи или интервенции. А, направен е и систем на ротација на лекари и медицински пероснал за да се покријат сите тековни интервенции и амбулантни прегледи на скопските клиники. Резервите ги троши и Институтот за ТБЦ па следни ковид центри ќе бидат Кожната клиника и Неврологија.

„Следни се кожно и нервно каде ќе има 66 кревети за прием на ковид пациенти. Тие се одделени од амбулантите кои ќе продолжат со прегледите, секако со смалено темпо, но вакви специјалисти има во здравствените домови каде граѓаните ќе можат да добијат здравствени услуги“, изјави проф. Др. Дејан Докиќ, директор на Клиника за пулмологија.

Според Министерството за здравство, Клиничкиот центар е во мобилизација и никој нема да остане без здравствена нега.

„Обезбедени се 150 болнички легла и кадарот е спремен да работи со ковид пациенти, но нема да изостане и тековната работа со третман на пациенти на дневна основа кои не се ковид“, велат од министерството.

До вчера вкупно во болниците во државата, заболени или суспектини на ковид има 763 пациенти, а  владата размислува доколку има потреба армијата да и помага на полицијата во обезбедување на болничките објекти.

Вкупно ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата се 35.097, оздравеа 22.024 , починаа 1.071, а активни случаи се 12.002

Слични содржини