Пандемијата оваа година донесе високи бројки на оние кои не успеаа да склучат брак. Истото произлезе поради големата фрекфентност на коронавирусот, и големиот број заболени, поради што следуваше и забрана за масовни собири, веселби и социјални дружења. Ова придонесе и претходно закажаните свадбени веселби да се откажат, а статистиката говори дека мал е бројот на оние кои се одлучиле на склучување само граѓански брак оваа година.

Од Управата за водење матични книги, велат дека бројот на склучени бракови е 7000, што е за околу 4500 помалку од лани.

Исто така, за склучување брак во време на пандемијата се воведоа и протоколи. Присуството на гостите беше сведено на минимум со почитување на пропишаните мерки за заштита, како одржување дистанца, носење маски и дезинфекција.

„На регистрацијата може да присуствуваат матичарот, брачните партнери и нивните двајца сведоци. Присутните мора да носат маски и ракавици и да се држи дистанца од два метра со матичарот. Истото важи и за во салите и за на терен на отворено, додека кога се на отворено може уште пет – шест лица на дистанца со маски. Церемонијата е скратена на 10 минути“, посочија од Управата.

Од друга страна пак, во третото тримесечје годинава, статистиката бележи зголемен број на разводи.

„Во период од три месеци добиени се 357 извештаи за разведени бракови што претставува зголемување од 8,5 проценти во споредба со истиот период минатата година“, говорат податоците на Државниот завод за статистика. Најмногу постапки за разводи регистрирани се во Скопје, Тетово и Куманово.

Слични содржини