ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА ВО КАРПОШ: развојот на младите со попреченост е напредок за целата заедница

од Берта Китинска

Во општина Карпош денеска се одржа  панел дискусијa, на која учествуваа повеќе дефектолози, организации, носители на одлуки, а беше во организација на здружението „ТАКТ“ и општина Карпош.

Успешната соработка меѓу ова здружение и локалната самоуправа продолжува и оваа година преку проектот „Спорт за развој, спорт за сите“. Станува збор за спортски активности, преку кои младите учат за вредности и за тоа како да станат подобри личности. Оваа година, преку оваа соработка ќе се опремат и нови две сензорни соби во основните училишта на Карпош.

Градоначалникот Стефан Богоев зборуваше за политиките и активностите кои општината ги презема за заштита на лицата со попреченост. Се одвојуваат средста за личните и образовни асистенти во висина од 1.080.000 денари, а во меѓувреме се работи и на поставување на нов лифт во ООУ „Владо Тасевски“, како и на отворање на дневен центар за лица со атипичен развој во ООУ „Вера Циривири – Трена“.

Среќен сум што бевме меѓу првите општини со инклузивни игралишта. Детските игралишта во Влае 2 и Карпош 2 се пример како треба да изгледа детската игра, но ова се и места каде што се уште се забележуваат девијантни појави. За жал, свесно се уништуваат реквизитите, се крши урбаната опрема.

Залудно е ако на училиште детето учи како треба да се однесува, но дома добива или воопшто не добива совети. Одговорноста е кај сите нас, рече Богоев.

Во дискусијата учествуваше и поранешната ракометарка, а денеска спортски работник Андријана Будимир. Таа има дете со попреченост, но сподели успешни приказни за тоа како истото било прифатено од своите другари и наставен кадар. Исто така, Будимир предложи дека во сите училишта треба да има посебни наставници по физичко образование за учениците со попреченост, со цел полесно да се одвива образовниот процес.

Деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, Проф. д – р Ленче Алексовска – Величковска напомена дека преку спортот се овозможува поголема социјализација на младите со попреченост, но и промена на начинот на живот. Примарно е важно да градиме личности од младите луѓе, да прифаќаат различности и да акумулираат, стекнуваат вредности. А, потоа од нив да градиме личност – врвен спортист, личност – пофесор по матетика, личност – доктор, истакна Величковска.

На оваа интерактивна дискусија се обрати и дефектологот Вања Врдинова, која работи во ООУ „Петар Поп Арсов“. Таа ја акцентираше потребата од зголемена едукација на наставниците за работа со децата со попреченост, но и повисока јавната свест кај целата заедница. Поттикнувањето на развојот на децата, младите со попреченост значи развој на целата средина, истакна Врдинова.

Претседателката на „ТАКТ“, Магдалена Спасовска го поздрави проактивниот пристап на сите учесници и истакна дека оваа организација продолжува со практични активности за поголема вклученост на лицата со попреченост на локално ниво.

 

Слични содржини