Паника во земјата без ниту една смрт од корона: После 100 дена нови случаи, се евакуираат 80.000 луѓе

од Aleksandar Petrovski

Виетнам евакуира 80.000 луѓе, претежно локални туристи, од централниот град Да Нанг, откако четворица жители се тестирани позитивно на коронавирусот. Земјата од Југоисточна Азија повторно е на високо предупредување откако ги потврди првите локални инфекции од април во неделата.

Од самиот почеток на пандемијата, Виетнам беше познат како земја која беше најуспешна во борбата против вирусот корона. Виетнамците преземаа мерки на претпазливост во време кога инфекцијата избувна само во Вухан, а резултат на ваквите мерки се само 420 регистрирани случаи на инфекција и без смртни случаи.

Сепак, 100 дена по последниот случај на локален пренос, Виетнамците се испаничија. Пријавени се четири нови случаи во градот Да Нанг, а локалните власти немаат идеја од каде започнало сето тоа.

Во секој случај, властите веднаш им забраниле на туристите да влегуваат во градот и започнале со евакуацијата на дури 80.000 луѓе, пренесува Скај Њуз.

Евакуацијата ќе трае најмалку четири дена со тоа што домашните авиокомпании работат дневно ќе извршуваат околу 100 летови од Да Нанг до 11 виетнамски градови, се вели во соопштението на владата.

Виетнам воведе строги правила за карантин и спроведе агресивно и распространето тестирање за време на пандемија.

Земјата е сè уште затворена за странските туристи, но има зголемување на домашните патници кои сакаа да ги искористат предностите на пристапни летови и сместување во локалните хотели и одморалишта.

– Не, сè уште не размислуваме за целосна блокада, но барам граѓаните да бидат дисциплинирани – рече премиерот на Виетнам.

Целата паника во Да Нанг започна со 57-годишен маж, кој на 20 јули повикал локален лекар со симптоми на грип. Во меѓувреме, тоа лице завршило на респиратор и во моментов е во критична состојба. Никој нема идеја каде се заразил, затоа што тој не го напушти градот долго време.

Епидемиолозите откриле околу стотина луѓе со кои човекот бил во контакт и сите наоди биле негативни.

Сепак, уште три случаи беа потврдени во текот на викендот и сите беа поврзани со градската болница. Властите не сакаа да шпекулираат дали се поврзани новите случаи, но ја затворија болницата за секој случај.

Покрај тоа, тие забрануваат јавни собири за повеќе од 30 лица, и ги забранија сите туристички активности 14 дена. Новите случаи предизвикаа аларми и во остатокот од земјата – фудбалските натпревари се одложени, болниците повторно ги воведуваат превентивните мерки, а од граѓаните се бара да носат маски на јавни места.

Оние што се враќаат од Да Нанг во други делови на земјата ќе треба да бидат во карантин дома 14 дена, соопшти Министерството за здравство.

Три нови случаи во неделата вклучуваат 17-годишен тинејџер од централната провинција Кванг Нгаи и 71-годишна жена од Да Нанг. Друг човек (61) од Да Нанг е исто така позитивен.

Слични содржини