Панова: Францускиот предлог ќе создаде мноштво други проблеми кои ќе ги асимилираат Македонците

од Берта Китинска

Францускиот предлог не е воопшто европски и не се потпира на вредностите за хуманост, соработка и рамноправност. Доколку не беше ВМРО-ДПМНЕ, интелектуалците, академската заедница, новинарите, колумнистите и сите други општествени чинители кои што заеднички се спротивставија на предлогот вклучително и помалите коалицони партнери во Владата т.е ако народот на Македонија силно не го осудеше овој предлог нивната стратегија беше преку молчење на мала врата да го поминат овој предлог, вели во интервју за „Локално“,Ели Панова, пратничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа смета дека финалниот предлог од ЕУ требал да биде доставен до Собранието и „истиот едногласно да биде одбиен“.

-Време е сите политички партии без разлика на кој етникум припаѓаат да се обединат и да работат во интерес на државата. Не смееме да дозволиме еден ваков предлог да биде прифатен, смета пратеничката.

Францускиот предлог за кревање на ветото, кој веќе стана и европски откако Бугарија го ратификуваше во Собранието, беше одбиен од македонска страна. Со оглед на тоа дека источниот сосед сега во секој момент може да не кочи како сака, доколку нешто не му се допадне, дали е ова треба да биде своевиден „повик за будење“ за Властите во однос на ЕУ интеграциите?

-‘’Повик за будење’’ на македонскиот народ е секој молк на Владата кога се зборува за националните прашања. Додека Франција реши да и ја “скрои капата” на Македонија по мерка која одговара исклучиво на Бугарија, нашата влада кроеше ПР план како да го објасни прифаќањето на Францускиот предлог, т.е прифаќање на вечно “ вазалство “ и асимилација на Македонците од Бугарите.

Зошто? За да се случи првата меѓувладина конференција, како наводен успех, без да се гледа што од утре и што францускиот предлог всушност значи за Македонија. Релативизирањето, криењето на предлогот, бегањето од широка дебата во Собранието во врска со овој предлог, јасно ги покажуваат првичните интенции на власта.

Можеби еден од таквите ПР планови беше и вчерашното Собраниско смислено сценарио на Комисијата за Европски прашања, со единствена цел дефокус на јавноста од она што повторно тајно сакаат да го реализираат во врска со Предлогот.

За какви ЕУ интеграции , ЕУ вредности, ЕУ принципи зборуваат Ковачевски, Османи, Маричиќ кога аминуваат и подржуваат инциденти со насилие, физичка пресметка, недоличен речник на Претседателот на Комисија за европски прашања. Доколку за ваква ЕВРОПА тајно преговараат деновиве во Софија непознати тимови на “прогресивците ’’ од СДСМ и ДУИ, НЕ благодарам.

Да потсетам, со предлогот се условува влез на Македонија во ЕУ со бугаризација која ќе се спроведува етапно, а сето тоа ќе биде надгледувано од Комисија. Предлогот не е решение на проблемот, тој ќе создаде мноштво други проблеми кои имаат за цел да ги асимилираат Македонците. Предлогот не е воопшто европски и не се потпира на вредностите за хуманост, соработка и рамноправност. Доколку не беше ВМРО-ДПМНЕ, интелектуалците, академската заедница, новинарите, колумнистите и сите други општествени чинители кои што заеднички се спротивставија на предлогот вклучително и помалите коалицони партнери во Владата т.е ако народот на Македонија силно не го осудеше овој предлог нивната стратегија беше преку молчење на мала врата да го поминат овој предлог . Но треба да бидеме внимателни бидејќи нашите информации се дека преставници од МНР и деновиве пробуваат да најдат Решение кое ќе биде спротивно на Декларацијата која ја усвои Собранието на РМ. Сите овие наши аргументирани ставови беа оквалификувани како хистерични напади од страна на Министерот за надворешни работи кој минимум што може е да се извини за ваквата квалификација.

Без разлика на “европската цена” Владата доколку се грижи за македонските национални интереси и достоинство, во моментот кога ќе стигне таков или сличен финален предлог, најпрво што треба да направи е да го достави до Собранието на РМ и истиот едногласно да биде одбиен. Време е сите политички партии без разлика на кој етникум припаѓаат да се обединат и да работат во интерес на државата. Секако активна улога треба да има и Претседателот на државата а се разбира во текот на Собраниската дискусија активна улога треба да има и невладиниот сектор. Само доколку ваков предлог Владата на ДУИ и СДСМ проба да го протурка со разно разни толкувања ние ќе влеземе во еден ќорсокак од кој со децении не ќе можеме да излезиме. Направена е огромна штета и досега и за тоа мора секој еден кој учествувал да сноси не само политичка туку и кривична одговорност. Не смееме да дозволиме еден ваков предлог да биде прифатен. Како пратеничка група силно ќе се бориме ваков предлог да не помине и во оваа прилика ќе им порачам да не ни помислуваат повторно да се занимаават со нелегални и незаконски активности за обезбедување на 2/3 мнозинство, бидејќи тоа нема да им помине. ВМРО-ДПМНЕ е обединето и силно како никогаш досега. А Владата треба да се разбуди и да си даде оставка бидејќи веќе нема кредибилитет и направи штета не само на меѓународен туку и на домашен план.

Македонија треба да продолжи по европскиот пат, но со нова Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ каде пред се европските вредности ќе ги имплементираме во нашето општество. Треба да продолжиме со разговори и преговори со сите релевантни фактори, но пред се зачувувајќи ги стратешките интереси на РМ и тоа не само на збор како што тоа го прави оваа владејачка гарнитура, туку со дела. Да потсетам ВМРО-ДПМНЕ ја предложи и од Собранието едногласно беше усвоена декларација во врска со односите со Бугарија и тоа се нашите црвени линии од кои никој не смее да отстапи во спротивно ќе направи тешко кривично дело.

Има ли решение, генерално, на овој спор или ова ќе биде уште еден 20 годишен спор, сличен како оној со Грција?

-За да постои несогласување или спор, потребни се две страни, но за да постои и пријателство исто така. Нам поголеми пријатели од сопствениот народ не ни се потребни. Ние треба да продолжиме по европскиот пат преку реформи во образованието, судството, борба против корупцијата, привлекување на странски инвестиции, инвестиции во здраството, земјоделстовото и инфраструктурата, преку зголемување на стандардот на граѓаните т.е да работиме кон подобрување на состојбите во секоја свефа. Доколку Македонија започне да има добар еконмски раст, добри оценки од надлежни меѓународни институции драстично ќе се подобри стандардот и начинот на живот на граѓаните кои секојдневно се иселуваат. Решенија секогаш постојат но во конкретниов случај треба да го задржиме нашето достоинство да ги одбраните националните интереси на РМ, да го зачуваме нашиот идентитет, историја и јазик. Македонскиот пристап треба да биде храбар, добро концепиран, исто како што БАН му дава зелено светло на Петков нашиот пристап треба да биде одобрен од Македонската академија на науките.

Јас сум убедена дека новата Влада која ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ ќе го надмине овој проблем а притоа грижејќи се за интересите на самата држава и нејзините граѓани.

Османи се пожали викендов дека се „фрлало дрва и камења“ по Албанците поради тоа како се однесува кон спорот со Бугарија, со цел да се ослабне позицијата на државата и да се обезбеди политичка предност за опозицијата. Го води ли, според вас, МНР Османи добро процесот? Држи ли вода тезатадека тоа што е Албанец не му е премногу гајле за тоа што ќе прифати од барањата на Бугарија?

-Ова е исто како одлуката дали лично ќе го осудите мавањето со филџани по пратеници т.е вчерашното насилство во собранието, ја носите во зависност од тоа дали ја сторил Арбер, Диме, Бојан или Илир. Кога ДУИ има проблем секогаш на пиедестал ги истакнува ваквите тези или се занимава со национализам. Оваа држава со оваа власт изгуби многу. СДСМ и ДУИ ги ставија македонските интеграции во ќорсокак со брзоплето потпишување на договор за којшто велеа се затворени сите отворени прашања за Македонија пред нејзините евтоинтеграции. Брзоплетоста на носење на документ како договорот за добрососедство, сега се увиде дека е грешка, на виделина излезе се она што се предвидуваше и на се она што предупредуваше ВМРО-ДПМНЕ. Власта ја одзема иднината на нашите деца.

Бујар Османи како доктор т.е медицинско лице за жал во моментов е на чело на Минситерстовто за надворешни работи и нападот не е кон Османи како албанец него како Минситер кој не е способен да води еден ваков сериозен процес. Ај што не е способен туку несака да консултира ниту искусни вработени во МНР а камо ли преставници на разни општествени организации и научни институции.

Османи незнаејќи како да се извади од ситуацијата ја користи старата реторика а овој пат истакна дека имало и т.н хибриден напад. Ковачевски и Османи трајно ги нарушија Македонските позиции, и ја ставија државата во ризик од хибридни напади, за кој не кажуваат од што се состои. Со преговарањето и договорањето на последниот предлог Ковачевски и Османи трајно ги нарушија преговарачките позиции на државата и секои идни преговори ќе тргнуваат од почетната точка опфатена во предлогот. Со криење од јавноста, од експертите, од академската заедница и од парламентарните партии тие ја донесоа државата во опасност. За потоа да измислуваат наводни хибридни напади, за кои не кажуваат од што се состојат, кој е одговорен и зошто не преземале ништо.

Власта во моментов бега од одговорност и преку вакви изјави пробува да фрли перја и да наметни тези со цел да избегне од нивната одговорност. Тие 6 месеци тајно преговарале и носат вина за нанесување на трајна штета на државата и нејзините преговарачки позиции, но и за неуспехот кој државата го има на патот кон ЕУ.

Ковачевски, Османи и целата влада треба да си заминат. Потребни се избори веднаш.

Мене искрено ме изненади фактот што воопшто стигнавме како држава до предлог, а уште повеќе ме изненади што предлогот не беше одбиен првиот ден кога порциркулира во јавноста.

Бујар Османи и круговите на власта откако во Бугарија се донесе одлуката има едно повторно вртење дека можеби предлогот не е лош. Дури и малку смешно како одредени поддржувачи на власта за 3-4 дена како даваат различни изјави.

Јас сум убедена дека Османи и Ковачевски ќе го прифатеа предлогот доколку бугарскиот парламент имаше донесено одлука пред самитот но пак ќе истакнам треба внимателно да го следиме процесот бидејќи како што гледам дека оние кои што се блиски до Владата на СДСМ и ДУИ веќе се обидуваат да направат простор дека ова е добро. Во интервју пред некој ден Бујар Османи беше директен во своето излагање каде што директно кажа дека предлогот не бил одбиен што само говори дека немаат основно чувство за националните интереси на Македонија. Забелешките на Министерот за надворешни работи од претходните 5 точки кои ги истакна премиерот Ковачевски ги сведе само на 1 точка а образложението на истата така бенигно ја престави како да се работи за тоа дали бојата на столиците во Собранието треба да бидат во зелена или кафеава боја.

Несериозниот пристап на целокопниот овој процес го потврдува и фактот што Ковачевски воопшто не реагираше на ваквиот пристап на министерот Османи но мене тоа не ме зачувува бидејќи ДУИ а не СДСМ ја преводи оваа Влада и најбитно од се на врхушката од СДСМ е да продолжат да им течат бизнисите а не националните интреси на РМ.

Очекувате ли можеби некаква промена во одлуката на актуелната влада и прифаќање на бугарските услови, како што сугерираат некои домашни аналитичари изминативе денови? Ковачевски делуваше прилично сигурно во неговото „не“…

-Ковачевски како што истакнав и претходно оваа изјава ја даде под силен притисок на целокупната македонска јавност, и глумеше задоцнет патриот. Но сведоци сме дека потоа министерот Бујар Османи, вицепремиерот Маричиќ но и неколку платеници блиски на СДСМ пробаа да го омекнат ваквиот став а Ковачевски до денес не реагирл на истото. Факт е дека ДУИ ја предводи оваа Влада а Ковачевски нема никаков легитимитет. ВМРО-ДПМНЕ секојдневно многу внимателно ги следи настаните околу ова прашање и нема да дозволиме распродажба на националните интереси на РМ.

Како треба земјава сега да се однесува кон својот источен сосед, по новата блокада? Како партија доколку, пример се најдете во новата извршна власт, како мислите дека треба да продолжат односите меѓу двете земји?

-Новиот концепт треба да биде инклузивен и кога ќе се случи смена на премиерот со сегашното мнозинство или смена на премиерот и неговиот тим преку нови избори со ново раководство и ново мнозинство кое што би добило доверба од граѓаните, тогаш треба сите партии без разлика кој е на власт и кој е на опозиција заеднички да одговорат на прашањето. Повторно ќе истакнам Македонија мора да продолжи по европскиот пат но не со оваа Влада.

Б.М.

Слични содржини