Папата Франциск се огласи во врска со патентите на вакцините против ковид

од Stefanija Kuzmanovska

Папата Франциск денес ја поддржа иницијативата на претседателот на САД, Џозеф Бајден, за откажување од правата на интелектуална сопственост за вакцините против ковид, што беше одбиена од некои европски земји, вклучително и Германија.

Говорејќи пред посетителите на добротворниот концерт за промоција на достапноста на вакцините, Папата оцени дека светот е заразен со „вирусот на индивидуализам“, пренесува „Ројтерс“.

„Еден од видовите на тој вирус е национализмот, кој спречува интернационализација на вакцинацијата. Другиот е кога ќе ги ставиме законите на пазарот и интелектуалната сопственост пред законите на љубовта и здравјето на целото човештво“, наведе папата.

Коментарите на поглаварот на Римокатоличката црква доаѓаат во екот на дебатата за прашањето дали фармацевтските компании треба да се откажат од своите права на патент.

Во средата, американскиот претседател Џо Бајден ја поддржа иницијативата и апелите испратени од Индија, Јужна Африка и повеќе од 100 други земји фармацевтските компании да се откажат од правата на интелектуална сопственост на патентите за производство на вакцините против ковид-19.

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајан вчера на прес-конференција, на маргините на самитот на лидерите на ЕУ во Португалија, рече дека дискусиите за одрекување од правото на патенти „нема да произведат ниту една доза вакцина на краток или среден рок“, прене „Ројтерс“.

Слични содржини