Папата упати критика до рускиот патријарх: „Бог не поддржува војна“

од Stefanija Kuzmanovska

Папата Франциск денеска во Нурсултан изјави дека Бог не ги насочува религиите кон војна, што е имплицитна критика кон рускиот православен патријарх Кирил, кој ја поддржува руската инвазија на Украина и ја бојкотираше конференцијата на верските водачи во Казахстан.

На вториот ден од престојот во Казахстан, папата се обрати на Седмиот конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии, состанок на кој се собираат христијаните, евреите, муслиманите, будистите, хиндусите и другите религии.

Конгресот беше обележан со видното отсуство на Кирил. Тој требаше да присуствува, но се откажа. Руската православна црква испрати делегација.

„Бог е мир. Тој секогаш нè води на патот на мирот, никогаш на патот на војната“, рече папата, говорејќи на огромна тркалезна маса во Палатата на независноста, огромна модерна структура од челик и стакло во главниот град на поранешната советска република.

„Затоа, да застанеме уште повеќе во инсистирањето дека конфликтите мора да се решаваат не со неубедливи средства на моќ, оружје и закани, туку со единствените средства благословени од небото и достојни за човекот: средба, дијалог и трпеливи преговори“, додал тој.

Слични содржини