Парламентот се распушта на 11 февруари, ќе се ратификува ли Протоколот за НАТО

од Vladimir Zorba

Претседателот на Собранието најави дека ќе го распушти законодавниот дом на 11 февруари или 60 дена од одржувањето на парламентарните избори закажани за 12 април. Со тоа се отвора дилемата дали земјава ќе има функционален парламент за да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. Според првиот човек на законодавниот дом Талат Џафери, не постои можност да се свика Собранието доколку има потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО. За тоа, како што изјави Џафери на вчерашниот брифинг со новинарите, ќе треба да се чека на новиот собраниски состав. За ова прашање, како што рече Џафери, досега не разговарал со лидери на политички партии.

Премиерот Зоран Заев вчера изрази уверување дека ратификацијата на Протоколот ќе биде завршена навреме во нашиот законодавен дом.

– Јас верувам дека навремено ќе стасаме со оваа работа. Државата се подготвува, ние со нашите институции, во случајов Прламентот, да не бидеме пречка. Тоа значи на време Парламентот да го донесе новиот закон за одбрана. Тоа е важно затоа што преку него се адаптираме на сето она тоа што е обврска како нова членка на НАТО, а секако и навремена ратификацијата на Протоколот во нашиот Парламент, рече Заев.

Нагласи дека апелот на сите лидери на политички партии кои присуствуваа на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски бил да се искористи законскиот рок од 45 дена за да не се доведе државата во ситуација да не може го ратификува Протоколот за членство во НАТО.

И лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски смета дека доколку Собранието биде распуштено, тоа може повторно да се собере.

Тој вчера изјави дека на лидерската средба кај претседателот на државата било разговарано за можноста да се свика веќе распуштениот Парламент, доколку се појави потреба да се ратификува Протоколот за членство во НАТО.

– Тоа било пракса и порано за итни и неодложни работи да се стават на дневен ред и да поминат, рече Мицкоски, додавајќи дека на лидерската средба биле присутни и претставници од Кабинетот на претседателот на државата, меѓу кои и професор, кој дал мислење дека за итни и неодложни ситуации, Уставот предвидува можност Собранието повторно да се собере.

И претседателот на државата Стево Пендаровски на неодамнешната лидерска средба апелираше до политичките партии при утврдување на датумот за избори да ја имаат предвид ратификацијата на Протоколот за членство за да не се доведе државата во ситуација да има нефункционален Парламент и да не може да се ратификува Протоколот.

Протоколот за членство во НАТО треба да биде ратифкуван во нашиот Парламент откако ќе помине ратификацијата во парламентите на земјите-членки на Алијансата. Досега, Протоколот го имаат ратификувано 26 држави, а остануваат уште Франција, Холандија и Шпанија. Во Шпанија, се очекува ратификацијата да помине во декември кога ќе се конституира шпанскиот Парламент.

Слични содржини