Партиите ќе имаат три дена за да го разгледаат Избирачкиот список пред неговото заклучување

од Aleksandar Todeski

Политичките партии ќе имаат три дена извршат увид во прочистениот Избирачки список кои Државната изборна комисија, по поминувањето на сите рокови ќе го дотави до нив, стои во роковникот кој го изготви Комисијата.

Рокот за доставување од ДИК до партиите е 16 март, а политичарите ќе имаат можност до 19 март да проверат дали според нив, списокот е добар. Доколку некоја од партиите е незадоволна и поднесе барање за запишување, дополнување или бришење на податоци, Комисијата има два дена, односно до 21 март да одлучи по барањето, а ако партијата е незадоволна од одлуката на ДИК, може да поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа. Судот пак, одлучува најдоцна 24 часа по приемот на тужбата.

Листите за кандидати за пратеници пак, треба да се достават до Државната изборна комисија најдоцна до 12 март на полноќ, односно 30 дена пред одржувањето на изборите. Откако ДИК ќе утврди дали листата е поднесена во утврдениот рок и дали кандидатите за пратеник ги исполнуваат уставните и законските одредби, а ако има некакви неправилности, предлагачите ќе имаат 48 часа да ги отстранат истите.

Ждребката за тоа која од партиите ќе се најде на кој број на избирачкото ливче ќе се врши најдоцна до 20 март, додека пак на 21 март листите по изборни единици ќе бидат објавени во дневни весници.

Од денеска пак, партиите можат да ги отворат банкарските сметки наменети за изборниот процес, а кои ќе бидат затворени по одржување на изборите. Сметките со салдо на нула треба да бидат затворени најдоцна 60 дена откако изборите ќе завршат.

Првиот финансиски извештај партиите треба го достават на втори април најдоцна до полноќ, додека пак финалниот, ако нема прегласување, се поднесува на 30 април. Набљудувачите на изборите пак, можат да се акредитираат најдоцна до 6 април, а рокот почнува на денот на распишувањето на изборите.

 

Слични содржини