Партија на Пензионерите: Етничка припадност во личните карти е само на штета на граѓаните

По однос на предлог Законот за воведување на етничка припадност во личните карти, денес свое видување и образложенија дадоа и од Партијата на пензионерите, кои велат дека истиот е спротивен на Уставот, и може да донесе само штета на граѓаните.

„ВО ВРСКА СО ПРЕДЛОГОТ ВО ЛИЧНИТЕ КАРТИ НА ГРАЃАНИТЕ НА РС МАКЕДОНИЈА, ПОКРАЈ ДРУГОТО, ДА СТОИ И ПОДАТОК ЗА ЕТНИЧКАТА ПРИПАДНОСТ НА ИМАТЕЛОТ НА ЛИЧНАТА КАРТА, ПАРТИЈА НА ПЕНЗИОНЕРИ е на стојалиште, дека тој предлог е спротивен на уставниот концепт на заштита на сигурноста и тајноста на личните податоци вграден во одредбите на член  18 од Уставот на Републиката. Толкувајќи ги овие одредби од аспект на заштитата на личните податоци, ПП смета дека ставањето на податокот за етничка припадност на граѓанинот во личната карта не е потребно, а доколку се впише, може да биде на штета на граѓаните.

Личната карта е документ за лична идентификација на граѓанинот. Имено лицето чија фотографија се наоѓа на ЛК, заедно со другите податоци за идентификација: презиме и име, ЕМБГ, државјанство, дата на раѓање, пол, место на раѓање, адреса на живеалиште (општина, улица и број на станот/куќата), назив на издавачот и број на ЛК е идентично со физичкото лице – имател кој  ја поседува таа лична карта. Податокот за етничката припадност излегува од сферата на лични податоци за лична идентификација на граѓанинот.

 Од друга страна кога, во општеството, сеуште постојат незанемарлив број на граѓани кои на припадниците на друга етничка заедница гледаат со доза на недоверба, ставањето на податокот за национална припадност во личните карти, според ПП е дискутабилно и спорно. Имено, постои реален ризик за натамошна контаминација на општествената свест, што поради можни интерперсонални конфликти на етничка основа, создаваат услови за вовед во понагласена етнички мотивирана поделба и дискриминација.

Личниот идентитет е  лично право и приватна работа на граѓаните од сферата на правата на личниот интегритет (физички и морален) кои се заштитени со Уставот на Републиката. Поради тоа, државата не смее и нема потреба да се впушта во регистрирање на податоци во јавните исправи (лични карти, патни исправи и сл.) надвор од сферата на потребите за нивна лична идентификација.

Со оглед на изложеното, а имајќи ги во вид негативните реакции во  јавноста во врска со предлогот за ставање на податок за етничката припадност  во личите карти, Партијата на пензионери смета дека, пред донесувањето на Законот за измени и дополнувања на Законот за личите карти е потребна поширока јавна расправа во врска со ова прашање, односно повлекување на предлогот од страна на предлагачот“, се вели во соопштението од Партијата на пензионерите.

Слични содржини