Пацоли има јасна порака за Вучиќ: Признај го Косово, тоа е реалност

од Vladimir Zorba

Поранешниот шеф на косовската дипломатија и претседател на Алијансата за ново Косово, Беџет Пацоли вели дека со Србија може за се да разговара, освен за три работи, а тие се независно Косово, Уставот на Косово и границата.

Тој за ТВ „Фејс“ од БиХ изјавил дека за српскиот претседател Александар Вучиќ има јасна порака, пренесува агенцијата „Танјуг“.

„Вучиќ, имате само една шанса, да го признаете Косово. Тоа е реалност. Таа држава е родена и нема враќање назад. Тоа е единствено решение, а се друго ќе оди полесно“, истакнал Пацоли.

Нагласил дека порано истото му го порачал и на Слободан Милошевиќ, потенцирајќи дека Косово е од одамна родена држава.

Тој смета дека приказната за разграничување на Србија и Косово во смисла на размена на територија е „невозможна и многу опасна“.

Пацоли, исто така, ја истакнал и идејата за настанување на слободна економска зона која би вклучувала дел од јужна Србија, северот на Косово и Санџак.

Тој посочил дека тоа би бил посебен економски простор кој би бил доверен на светска менаџерска фирма со финансиска помош од ЕУ, кога се работи за инфраструктурата.

„Ќе донесеме глобална компанија, ќе имаме симболичен данок и за 5-6 години би можеле да вработиме 300.000 лица“, објаснил Пацоли.

Слични содржини