Павлески за кандидатурата за градоначалник: Имам поддршка од членството, но и од видни личности надвор од партијата

од Vladimir Zorba

Дејан Павлески, третиот кандидат за градоначалник  на Аеродром е засега најголемото изненадување за пошироката јавност. Во набројувањето на причините за ваквата одлука, актуелниот директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, како основна ја наведува желбата да го подобри квалитетот на живот на граѓаните на една од најголемите општини во Скопје.

Во разговор за „Локално“ вели дека има мотив и чувствува предизвик. Сигурен е во своето искуство и знаење, а не му недостасува ни желба за промени кон подобро. Партиската подршка се подразбира.

„Мојата кандидатура за градоначалник произлегува пред се од поддршката која ја имам од членството, но и од видни личности кои не се вклучени во дневно политички и партиски активности“, вели Павлески.

Неговата визија е амбициозна, а планот подготвен и прецизен.

„Ќе работам на развивање перспективи и проекти во делот на задржување и унапредување на зеленилото и парковите, подобрување на чистотата и хигиената во општината, безбедноста, ефикасно и паметно управување со паркинг просторите, воспоставување на нова мрежа на јавен транспорт, збогатување на културниот живот, поддршка и поттик на масовниот спорт кај младите, а рекреација кај повозрасната популација, максимално искористување на потенцијалите за засилен локален економски развој, дигитализација заради поедноставување на процедурите и подобрување на улугите кон граѓаните“, посочува Павлески.

Покрај Павлески, кандидатури за градоначалничката функција во општина Аеродром поднесоа и Александар Филиповски и и актуелниот градоналник Златко Марин. Во иминатиот период, градоначалниците беа под будно око на јавноста која неретко искажуваше остри реакции во однос на начинот на кој тие ги водеа општините. Жителите на Аеродром не штедеа зборови на критика кога стануваше збор за нивната локална самоуправа, отворено искажувајќи незадоволство од недоволниот процент на зеленило, прекумерно градење, проблемите со сметот….Павлески е сигурен во својот професионален и личен капацитет, но за понатамошниот след на работите клучен збор ќе има неговата матична партија, и секако – граѓаните.

Слични содржини