Годинашната реколта пченица ќе се откупува по 12 денари за килограм, соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, на денешната прес-конференција.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одржало серија на состаноци со потсекторската група, со претставници на земјоделски здруженија и претставници од мелничко-пекарската индустрија и е постигнат договор.
И пченицата од втора категорија ќе се откупува по цена од 12 денари, затоа што квалитетот на годинашната реколта, како што рече Трипуновски, бил одличен.
„Она што сакам да ги информирам земјоделците и сите оние кои ќе имаат наредниот период предавање на пченица од реколтата 2025 година – согласно приносот и квалитетот оваа година – мелничарите ќе ја откупуваат пченицата од прва и втора категорија во прва категорија, затоа што квалитетот, како што потенцирав, е одличен. Откупната нето цена за пченицата ќе биде 12 денари, плус дополнителните трошоци кои следуваат”, појасни министерот Трипуновски.
Тој порача дека тенденцијата на Министерството е да се стигне до нивото на производство кое ќе ги задоволи домашните потреби.