„Пејзажи на восхитот“ – самостојна изложба на Дарко Алексовски во МСУ – Скопје

од Vladimir Zorba

На 8 април (петок), во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Пејзажи на восхитот“ (Landscapes of Astonishment) на уметникот Дарко Алексовски, еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници. Наградата подразбира реализација на самостоен проект во Музејот на современата уметност – Скопје.

Изложбата ја курираат: Ива Димовски, Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

„Пејзажи на восхитот“ е наративен и истражувачки уметнички проект (цртежи и проекција) составен од три засебни целини, кои меѓусебно наративно и формално се надополнуваат. Овој проект е комплексен приказ за барањето и лутањето низ секојдневието, емоционалните процеси на вљубување и невозвратена љубов, како и постојаниот копнеж по нови неостварени начини на сеќавање.

Проектот е составен од три сегменти: „Мал прирачник за мечтаење“ (A Small Handbook for Daydreaming) – тековна серија која претставува самостојно печатено издание, потоа „Сцени од секојдневниот живот што постојано се одвиткуваат“ (Constantly Unfolding Scenes from Everyday Life) – серија дела (цртежи) кои се занимаваат со фрагментираноста и ефемерноста на пејзажите на секојдневието и „Хоризонт што не може да се види, но може да се замисли“ (A Horizon Which Cannot Be Seen, but Can Be Imagined) – серија колажи проектирани на аналоген проектор, кои се занимаваат со сеќавања поврзани со хоризонтот, како место кое е крајно недостижно.

Како што вели Алексовски оваа изложба е збир од дела настанати во изминативе неколку месеци, чии почетни точки се литературни и визуелни референци, но се надоврзуваат на дела кои ги работи уште од 2020 година.

„Во оваа смисла целата изложба е проширување и заокружување на моите тековни уметнички интереси за процеси во кои пробувам од различна перспектива да погледнам во сцените од секојдневието, но и секојдневните ситуации, места и предмети кои нè восхитуваат. Во изложбата се вклучени серии дела во медиуми, кои меѓусебно се испреплетуваат, па така ќе бидат изложени серија самостојно издадени џебни публикации, дигитално испечатени големоформатни композиции од цртежи и аналогна проекција на серија колажи со транспарентни фолии во боја. Целата изложба е конципирана како едно барање или лутање низ серија прикази од пејзажи и детали, поставени во контекст на недостижните и непостојаните емоционални процеси, кои континуирано ја филтрираат објективната стварност“, објаснува авторот.

Во овој Циклус од цртежи, авторот создава еден топол и поетско – лирски амбиент, инспирирајќи се од секојдневните теми.

Станува збор за внатрешно чувствување и откривање, а тоа визуелно го гради во еден систем на квадрати. Имагинарна игра на реални предмети и секојдневни складни форми со своите взаемни односи и контрасти, чинат еден одделен свет во рамките на композицијата на цртежот и целата инсталација“, вели Ива Димовски.

На неа се надоврзува и кураторот Владимир Јанчевски, кој смета дека делата од оваа изложба на Алексовски, отвораат можност за повеќенасочно и подлабоко исчитување на релацијата меѓу имагинацијата на уметникот и стварноста во која таа се реализира.

„Преку употреба на различни медиуми во поставката, која е контестуализирана и адаптирана за конкретниот изложбен простор на МСУ-Скопје, авторот овозможува исчитување и на засебните дела и на целината, кои што се позиционирани на граничните точки на визуелното и наративното, укажувајќи на специфичниот комплементарен однос на сликата и текстот“, вели Јанчевски.

Другите двајца наградени автори од 13. Меѓународно биенале на млади уметници, Наташа Неделкова и Дритон Селмани, исто така ќе се претстават со самостојни поставки во МСУ – Скопје во текот на оваа година. Наташа Неделкова ќе има самостојна изложба на 07 мај, а Дритон Селмани ќе се престави со свои дела во месец ноември.

Слични содржини