Пекевски: Ко че све то да плати?

од Vladimir Zorba

Читајќи ги барањата на Сојузот на синдикати на Македонија, првата мисла која ми дојде беше, А ко че све то да плати?
Сојузот на синдикати, сега се одлучи предизборното „кокетирање“ да го реализира во писмена форма и да побара пократка работна недела, односно неработни сабота и недела, подолго породилно отстуство, договори на определено време само во исклучителни услови, враќање на старосна пензија по остварен стаж, но и по дејност.

Супер од нива страна што вака убаво предизборно се сетија дека постојат и треба да излезат со свои барања и да покажат дека се тука и се грижат за работниците, ама искрено ме интересира дали воопшто тие и направиле анализа што би се случило кога нивите барања би се реализирале и што тоа би значело за македонската економија. Основно правило е кога бараш нешто тоа да го аргументираш со валидни аргументи и да го подржиш со факти. Дали ССМ направило било каква анализа со ефектите кои ќе се постигнат доколку нивните барања се усвојат. Мене ми изгледа дека воопшто и не помислиле да направат анализа, туку едноставно се собрале во канцеларија и мозгале ај што сеа ќе бараме од политичките партии пред избори, како да бидеме и ние дел од тој процес.

Верувам дека раководството на ССМ во континуитет е дел од раководството дали на гранковиот синдикат, дали во раководството на ССМ и реално имаат малку искуство како работници и ги чувствуваат маките на работниците. Верувам дека е удобно така седнати во фотељите и да креираш барања до властите во Македонија со цел подобрување на условите на работниците.

Моето прашање до раководството на ССМ дали некогаш воделе сопствена фирма и да видат како изгледа тој процес, како изгледа да направиш производ, да го продадеш и на крај да го наплатиш. Дали ги виделе проблемите на сопствениците на бизнисот и колку тие труд, нерви, енергија, знаење вложуваат во својот бизнис да го одржат и да заработат нешто. Дали помислиле како се снаоѓаат сите тие сопственици во овие кризни времиња, кога кај некои бизниси приходите се сведени на 0 денари приход. Верувам дека не помислиле, затоа што, што има тие да мислат, тоа си е негов бизнис, тој треба да мисли на тоа.

Верувам и не помислиле колку работни места ќе се изгубат ако сабота и недела се неработни денови, бидејќи тоа автоматски ќе повлече помалку луѓе за работа во голем дел на бизнисите, претежно малите продавници, колку помалку приходи ќе имаат компаниите, бидејќи на пример моловите се најполни во текот на викендите, рестораните и излетничките места се полни најмногу за викендите? Дали помислиле дека со помалку приходи во бизнисот работниците ќе имаат иста плата, бидејќи ќе работат помалку време? Дали помислиле дека со помали приходи во бизнисот, државната каса помалку ќе се полни? И кој тоа се ќе го плати?!

Нормално дека не помислиле, ниту пак реално размислиле за целата ситуација, едноставно тоа им дошло прво на ум. Имаат пари сопствениците на бизнисот и ќе платат.

П.с. Кога ќ имате некакви барања, направете прво анализа и видете колку тоа ќе чини и кој та ќе го плати, а не само да давате беспредметни барања!

Синиша Пекевски

Слични содржини