Пендаровски: Брзината на интеграцијата во ЕУ зависи најмногу од нас

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски, денеска се обрати на петтата пленарна сесија на Националната конвенција за Европска унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) што во организација на Европското движење се одржува во Собранието на Република Северна Македонија.

-Сведоци сме дека недостатокот на правна сигурност и чувството дека партиската и етничката припадност се поважни од знаењето и вештините кои ги поседувате се меѓу главните причини за емиграција на голем број на млади луѓе. При тоа, емигрираат и лица, дел од оние кои се добро етаблирани во општеството со изградени кариери и солиден животен стандард за наши услови. За нив, се разбира, и за сите останати, функционалната правна држава е прашање на квалитетот на животот. Во таа смисла, не е случајно дека токму владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата се вбројуваат во кластерот на „основни прашања“, односно на фундаменталните вредности во процесот на пристап кон Европската Унија.

Сметам дека доколку ги оставиме, а мора да ги оставиме настрана историските прашања на кои не им е местото во пристапниот процес, токму на оваа тема ќе биде нашата најголема предност или нашиот најголем недостаток, зависно од начинот на кој, во преговорите, ќе му пристапиме на овој сет на прашања, порача Пендаровски.

Според него, колку брз ќе биде процесот на нашата интеграција во Европската Унија зависи и од Брисел, и од државите-членки, но, најмногу од нас.

-Реформите не ги правиме за да ги задоволиме европските бирократи, туку, фундаментално да го промениме нашето општество и работата на нашите институции од кои нашите граѓани не се задоволни во висок процент. Тоа значи дека фокусот не треба да биде на техничко исполнување на критериумите за членство, туку на квалитетот на процесот. Друг начин за реформите да бидат одржливи и за сопирање на негативните трендови со кои се соочуваме во областа на владеење на правото – не постои. Само со излегување од комфорната зона на политички декларации, процесот на пристапување кон Европската Унија ќе ја има трансформативната моќ која ни е повеќе од потребна, рече Пендаровски во своето обраќање.

Слични содржини