Пендаровски: Да продолжиме да го развиваме Скопје со ентузијазмот со кој беше обновуван од рушевините

од Nikola Popovski

58 години по катастрофалниот скопски земјотрес, се сеќаваме на над 1000 наши сограѓани кои го изгубија животот, но и на солидарноста што ја покажа светот кон нас, објави претседателот Стево Пендаровски по повод одбележувањето 58 години од катастрофалниот земјотес во Скопје.

Според него, треба да продолжиме да го развиваме Скопје со ентузијазмот со кој беше обновуван од рушевините.

Пред 58 години се случи катастрофалниот земјотрес во Скопје, на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Од трагедијата на Скопје целиот свет беше вознемирен и ангажиран. Меѓународниот Црвен крст упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија упати препорака до сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по катастрофата презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во времето кога екипи стручњаци на ОН почнаа да пристигнуваат во Скопје, во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност. На 23 септември 1963 година 35 земји побараа Генералното собрание да стави на дневен ред од своето заседание точка за преземање мерки по повод земјотресот во Скопје. По четири дена, на 27 септември, Генералното собрание и даде приоритет на меѓународната акција за давање помош на Скопје.

Слични содржини