Пендаровски: Да создадеме стабилна основа за развој на билатералните односи помеѓу Македонија и Грузија

од Andreja Salpe

Денеска во претседателскиот кабинет на церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски ја пречека претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили се одржа пленарен состанок на официјалните делегации, беа потпишани Спогодба меѓу Република Македонија и Грузија за укинување на визи и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Македонија и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија, по што се одржа заедничка прес-конференција на претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили.

– Денес со претседателката Зурабишвили разговаравме за унапредување на нашите билатерални односи во претстојниот период. Повеќето од чекорите ќе ги правиме за прв пат. Затоа, треба да го искористиме овој момент и да создадеме стабилна основа за развој на билатералните односи. А првиот чекор во таа насока е секако уредување на правната рамка. Македонија и Грузија имаат исклучително богато природно и културно-историско наследство. Затоа, пред малку беа потпишани два важни документи. Првиот е Спогодба меѓу двете држави за укинување на визите, со што се олеснува патувањето на македонските и грузиските граѓани. Вториот документ е Меморандум за соработка во областа на културата меѓу нашето министерство за култура и грузиското министерство за култура, спорт и млади. Заедно, овие два документи треба да бидат правна основа за развој на туризмот, и на севкупната економска и културна соработка меѓу двете земји, истакна Пендаровски

Слични содржини