Пендаровски-Дендиас: Договорот од Преспа позитивно влијае и врз економски односи меѓу двете држави

од Берта Китинска

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими Никос Дендиас, министер за надворешни работи на Република Грција, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.

Во текот на разговорот претседателот Пендаровски и министерот Дендиас разменија мислења за билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција, состојбите во регионот, како и за актуелните случувања и состојби во Авганистан.

Двајцата соговорници изразија задоволство од динамиката на политичкиот дијалог меѓу двете држави во изминатиот период, а во овој контекст, претседателот Пендаровски најави дека во тек се подготовките за првата официјална посета на Грција, предвидена за наредниот месец. Претседателот Пендаровски изрази очекување дека истата ќе придонесе кон уште подинамичен дијалог и кон дополнително унапредување на соработката меѓу Република Северна Македонија и Република Грција.

Истовремено, осврнувајќи се на билатералните односи, претседателот Пендаровски изрази задоволство од нивото на економската соработка меѓу двете држави која бележи значителен напредок, при што оцени дека потпишувањето на Договорот од Преспа не само што ги нормализираше политичките односи, туку позитивно влијае и врз севкупните економски односи меѓу двете држави.

Во контекст на имплементацијата на Договорот од Преспа, претседателот Пендаровски посочи дека е неопходно негово натамошно имплементирање, како и ангажман од двете страни, за да се обезбеди брзо и непречено продолжување на работата на воспоставените тела со Договорот.

Покрај ова, во текот на разговорот двајцата соговорници разменија мислења и информации за процесот на македонската евроинтеграција, при што, искажувајќи благодарност за грчката поддршка на тој план, претседателот Пендаровски посочи дека усвојувањето на рамката за преговори останува наш приоритет.

На средбата, претседателот Пендаровски се заблагодари и за грчката донација од 20.000 вакцини против Ковид-19, како и за укажаната помош во справувањето со пожарите во Гевгелија на почетокот на овој месец.

Слични содржини