Пендаровски до Филипче: Јас ги направив првите контакти со најголемите фармацевтски компании, сликите од Србија не се фалење

од Nikola Popovski

„Во целост се согласувам со изјавата на министерот Филипче дека сликите од Србија изминатиот викенд се израз на солидарност, но, тоа е солидарност која државата Србија ја покажа кон десетина илјади наши граѓани. Меѓутоа, тешко дека тие слики на наши граѓани кои бараат здравствена заштита во странство, откако не ја добија во сопствената земја, се за фалење“, напиша претседателот Стево Пендаровски, како реакција на одговорот на министерот за здравство, Венко Филипче.

Во однос на процесот на набавка на вакцини, Пендаровски е крајно зачуден што министерот Филипче свесно не го споменува фактот дека првичните контакти со најголемите фармацевтски компании, кон крајот на декември мината година се направени преку неговиот Кабинет и од тогаш до денес како претседател е вклучен преку дипломатските канали во процесот за набавка на вакцините, што инаку е примарна надлежност токму на министерот за здравство.

Претседателот попладнево упати голема благодарност до Србија, но сликите од викендов  на кои наши граѓани заминуваа во странска земја на вакцинација, според него, биле срам за нашата држава.

„Едноставно државата мора да пружи здравствена заштита тука. Точно е дека се потпиравме на Ковакс, кој задоцни 2 месеци, точно е дека верувавме во Солидарниот фонд на ЕУ, точно е дека од 5 најбогати членки на ЕУ ниту една нема вакцинирано ниту 5% од населението, точно е дека според СЗО околу 80 проценти од вакцините се распоредени во 10 земји во светот. Но тоа нашите граѓаните не ги интересира“, рече Пендаровски.

Министерот за здравство на тоа му одговори дека вакцинирањето во Србија е одраз на солидарност во услови на криза.  Тој посочува и дека покрај македонските граѓани, во Србија се вакцинирале и граѓани од другите држави а ниту еден претседател не рекол дека тоа е срам за неговата земја.

Филипче го критикуваше претседателот на државата дека не помогнал во процесот на набавка на вакцини.

„Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“, вели во писмената изјава Филипче.

 

Слични содржини